Воздвижение на чесниот крст, или познат помеѓу народот како Крстовден, се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.
Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот Крстовден или Водокрст (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на чесниот крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос.
За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Спасителот Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост. На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло. Некои верници на овој ден јадат само леб и грозје.
Според народните верувања од Крстовден почнува есента. Се вели дека денот и ноќта се крстосуваат, а температурата почнува да се намалува.
Од Крстовден почнува гроздоберот, а првото откинато грозје мора да се однесе во црквата, за да се освети. Почнува и сеидбата на зимските житни култури.
Се верува дека во ноќта спроти Крстовден, Господ слегува на земјата и ја исполнува секоја посакана желба.
Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан…