МАКЕДОНИЈА

Денеска е Чист Понеделник, започнаа долгите Велигденски пости

Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.  Во втората половина на минатиот век, целата ова недела по Прочка се викала Чиста недела и секој ден одделно: Чист понеделник, Чист вторник итн. Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење.

Велигденски пости

Уште во Едем, Бог им заповеда на Адам и на Ева да јадат од сите дрва, освен од едно – дрвото на познанието. Значи им заповеда да постат и да не јадат од тоа дрво сè додека преку тој подвиг не станат зрели за да јадат од плодовите на тоа дрво. Меѓутоа, Адам и Ева, по наговор на ѓаволот, ја искористија својата слобода за да ја прекршат заповедта Божја и застранија од патот кон совршенството, та за нив стана невозможно да стигнат до бесмртноста и до обожението за кое беа создадени.

Од тогаш, постот се смета за главно средство за борба против ѓаволот и против сопствените слабости. Христос го нагласи значењето на постот, велејќи: „Овој род со ништо не се истерува освен со пост и молитва.“

Како се пости?
Според видот на храната што се јаде, постојат четири вида на пост:

  • Воздржување од јадење месо: ова се случува само во месопусната седмица, пред почетокот на Великиот пост.
  • Воздржување од јадење месо и сите други видови храна од животинско потекло: млеко, млечни производи, јајца. Овој вид на пост се нарекува „пост на масло“, бидејќи се дозволува употреба на растително масло во храната, како и умереното конзумирање на вино и друг вид алкохол.
  • Пост на риба: тоа е пост на масло, но се јаде и риба.
  • Строг пост: воздржување од јадење не само на месо и храна од животинско потекло, туку и на употребата на масло во приготвувањето на храната. Кога е строг пост не се конзумира алкохол.

Напишете коментар

Back to top button
close