КУЛТУРА

Започна јубилејното издание на Ликовната колонија Галичник

„Колективната културна меморија“ е во фокусот на 35. Ликовна колонија Галичник во рамките на која од 12. до 19. август ќе творат десет уметници од Европа и Балканот.

„Историската меморија, интерпретацијата и ангажманот на општествата се обликувани од нивната култура, институции и споделените наративи. Овој концепт се протега надвор од личните сеќавања за да ги вклучи начините на кои заедницата ја одржува и пренесува својата историја. Спомениците, музеите, наставните програми, медиумите и обредите и ритуалите на заедницата сето тоа го прикажуваат. Заедничкото разбирање на минатото од овие компоненти ги обликува идентитетот и принципите на една заедница“, вели Ана Франговска организатор на колонијата.

Ликовната колонија Галичник

На овогодинешната, јубилејна 35. Ликовна колонија Галичник ќе учествуваат уметниците: Кристине Ледерер – Австрија, Ивана Хостник – Србија/Словенија, Лучезар Бојаџиев – Бугарија, Софија Димова – Бугарија, Марина Касијаниду – Кипар, Елија Калогјани – Грција, Стефан Корнацки – Полска, Ил Џафери – Косово, како и македонските уметници Клелија Живковиќ и Дарко Алексоски.

„Имплементацијата на предностите на новата ера во античкиот амбиент на прекрасниот Галичник е како додавање на ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија. Хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак. Постојаните мешања, националниот белег, македонската гордост: културата на нашата земја и меѓународниот дух и културата на другите, односот меѓу историјата, природата, фолклорот и традицијата со современата и урбана анемија на постмодерната уметност, ја формираат и дефинираат Ликовната колонија Галичник како специфика не само на национално, туку и на регионално ниво“, истакнува Франговска.

Според неа, несебичната посветеност и ентузијазам во име на продолжување на долгогодишната културна традиција на селото Галичник и Реканскиот крај и во име на квалитетната нововременска уметност воопшто и секако аспектот на размена на искуства и знаења и човечки ресурси се главните постулати на колонијата.

Back to top button
close