КУЛТУРА

Во МСУ – Скопје се отвора изложба на уметникот Албан Муја

Во ироничен и духовит манир, дела кои се справуваат со горчина на геополитичкиот, општествениот и уметничкиот систем

На 7 јуни (петок), во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена самостојната изложба „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ на Албан Муја. Куратор на поставката е Владимир Јанчевски.

Албан Муја

Албан Муја (1980, Република Косово) создава видео инсталации, филмови, цртежи, слики, фотографии и јавни уметнички дела под влијание на тековните процеси на општествена, политичка и економска трансформација во неговото родно Косово и на Балканот. Преку својата пракса ја истражува историјата и општествено-политичките теми, поврзувајќи ги со неговата моментална позиција во Косово.

Изложбата на Албан Муја во МСУ-Скопје прикажува избор од неговите дела во периодот од 2016 до 2023 година. Замислена како обид за поврзување на комплементарни дела, кои ја прикажуваат и критички ја опсервираат споделената состојба и нашите заедничка засегнатост преку границите, изложбата е фокусирана на секојдневието и на искуството на ситуација на принудна транзиција и продолжена неизвесност.

Албан Муја

Уметничката практика на Албан Муја истражува различни аспекти на структурите, кои ги дефинираат националните, идеолошките, идентитетските и егзистенцијални прашања, кои не се толку очигледни. Неговите дела се повеќе од само едноставно претставување и раскажување, фокусирајќи се, исто така, на улогата што сликите и медиумите ја имаат во конструирањето и обликувањето на доминантиот наратив, односот кон идентитетот и историјата. Некои од проектите на Муја се фокусираат на нетипични згради, како што се скромните семејни куќи, кои неконтролирано се издигнуваат над покривите. Навлегувајќи во анализирање на овој неконвенционален градски пејзаж и урбаната стагнација и контурите кои се развиваат, Муја создава мапа на градот, којашто истовремено сведочи за потфрлањето на системот, како и за индивидуалниот „креативен“ пристап кон проблемот.

Во динамичен свет кој е дефиниран со постојана промена, феноменот на нашите општества заглавени се во навидум бескрајна транзиција. Граници, бариери, ѕидови, видливи и невидливи, градење, изградба, обнова, дупки и рабови во законот, или на друго место, транзиција, трансформација, надминување, сѐ се тоа работи што нè опишуваат и одредуваат.

Муја го отсликува и коментира современото општество и неговите тешкотии во многу специфичен геополитички контекст. Употребувајќи критичка позиција во комбинација со иронија и духовитост, неговите уметнички дела се справуваат со горчината на геополитичкиот, општествениот и уметничкиот систем. Имплицирајќи поглед и збир на структурни односи, географски и територијални, уметникот го свртува вниманието кон народите од овој регион – дома, како и во нивните заедници во странство, традиционално вкоренети во градежните работи, феноменот на мигрантскиот труд и проблемот да се биде лишен од социјални алатки, економска и правна сигурност, вели кураторот Јанчевски.

Албан Муја

Муја има прикажано дела и идеи на различни самостојни и групни изложби, вклучително и филмски фестивали и Павилјонот на Република Косово на 58-то Венециско биенале. На Павилјонот, тој ја претстави триканалната видео-инсталација наречена „Семеен албум“ која навлегува во личните и колективните сеќавања на Косовската војна (1998-1999) и ја доведува во прашање улогата што сликите и медиумите ја играат во конструирањето и обликувањето на наративот, идентитетот и историјата во време на конфликт.

Албан Муја  и е познат на македонската јавност, бидејќи во последната деценија тој учествуваше во неколку значајни изложби, меѓу кои и неговата прва самостојна изложба „Именување“ во 2014 година, курирана од Владимир Јанчевски (SIA – Агенција за сериозни интереси, Скопје), како и меѓународната групна изложба „Сè што ни заедничко“ во 2018 година, курирана од Јованка Попова и Мира Гаќина (МСУ-Скопје).

Изложбата е поддржана од долгогодишниот пријател на музејот „Тиквеш“ и ќе биде отворена до 28 август 2024 година.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close