КУЛТУРА

Вечерва во Трпејца почнува манифестацијата „На зајдисонце“

Со изложба на слики од уметникот Мајкл Клос од Канада и настапот на бендот „8balls“, денеска почнува 11. издание на Културно-забавната манифестација „На зајдисонце“ во Трпејца, во организација на здружението „За Трпејца со љубов“.

Трпејца

Во четврток на летната сцена под отворено небо ќе настапат младите од Црвен крст – Охрид со поетско – музичкиот перформанс „Треба да бидеме подобри“. Следниот ден е резервиран за поетесите Вера М. Самарјанин и Марика Тапанџиева и пејачот Драган Мијалковски, соопштија од здружението.

Во сабота своја видео презентација на тема „Трпејца низ вековите“ ќе има Петар Симоноски, а ќе биде прикажан култниот македонски филм „Мирно лето“ во режија Димитрија Османли. Настап ќе има и гитаристот Горан Кичеец.

Традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање ќе се одржат во недела, а вечерта мини концерт ќе одржи дуото „Black Moon“ од Охрид. Следната вечер ќе има нова содржина наменета за забава на гостите, ќе се одржи трката со куфери по скалинадата во Трпејца. Предвидено е и запознавање со „Богатството на Охридското Езеро“ и концерт на класична музика насловен „Млади надежи“.

Наредните денови најмладите преку цртежи ќе го овековечат зајдисонцето во Трпејца, нивните трудови ќе бидат и претставени пред гледачите. По традиција ќе биде поставена и изложба на дела од минатогодишната четврта Уметничка колонија која секој септември се одржува во Трпејца. Ќе настапи танчерската група „Dancing Angels“, а вечерта ќе биде заокружена со гостувањето на д-р Анис Сефиданис, кој ќе се обиде гледачите на популарен и интерактивен начин да ги воведе во светот на компјутерите и роботиката.

Претпоследната вечер од годинашното „На зајдисонце“ е резервирана за видео изложбата на фотографии направени со мобилен „Трпејца низ објективот на туристите“ и настапот на пејачката група и оркестар на ансамблот „Ѓердан од бисери“ од Охрид.

Културно-забавното лето во Трпејца ќе биде заокружено со вечер посветeна на познатиот македонски хармоникаш и композитор Гоце Џуклески, градскиот хор „Вокс Лихнидос“ и пејачот Мирко Вретовски.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close