КУЛТУРА

Со огномет и изведба на „Вујко Вања“ заврши 62. издание на фестивалот „Охридско лето“

Со Чеховата „Вујко Вања” во изведба на Југословенскиот народен театар од Белград, Србија, синоќа на сцената на Античкиот театар беше спуштена завесата на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Zavrshi 62. izdanie na Ohridsko leto

Изминатите четириесет фестивалски денови во Охрид, според директорката на националната установа „Охридско лето”, Наташа Поповиќ, се празнуваше врвната уметност во областа на класичната музика и театарот.

– Уметноста, естетското доживување на врвните концерти и театарски претстави на автентичните локалитети, Античкиот театар, црквата Св. Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, кои ги понудивме на 62-то фестивалско издание се сведоштво дека силата на музиката и театарот го обединува светот, го променува и внесува убавина во него. Бевме пример како треба да се реализира врвна манифестација притоа почитувајќи ја традицијата и влогот на многу генерации пред нас – рече Поповиќ на свеченото затворање на фестивалот.

Изрази благодарност до сите кои помогнале во реализацијата на најголемата музичко-сценска манифестација во регионот.

– И секако, неизмерна почит и благодарност за Ана Липша Тофовиќ што ни овозможи да ја славиме врвната уметност, да ѝ се радуваме на убавината и да создаваме трајни вредности. Нејзиното име ќе го слават и бројни генерации после нас. Да ни е вечен фестивалот, уште многу успешни уметнички доживувања од оваа сцена – рече Поповиќ.

Бројната публика на Античкиот театар на четириесеттата и последна фестивалска вечер уживаше во врвната изведба на драмата „Вујко Вања“ на еден од најсуптилните писатели за театар, Антон Павлович Чехов, и на големото режисерко име Егон Савин, преку која на сцена беше изнесена приказната за малите промашени луѓе кои чувствуваат празнина.

Според традицијата „Охридско лето“ беше затворено со гасење на фестивалскиот факел кој светеше изминатите фестивалски вечери и спектакуларен огномет.

Напишете коментар

Back to top button
close