КУЛТУРА

Со „Антигона“ на Белградско драмско позориште почна ИФАД „Стоби 2022“

Во Народниот театар „Ј.Х.К. Џинот“ – Велес под мотото „Во нови слики“ започна 19. издание на Интернационалниот фестивал на античката драма „Стоби“. Фестивалот беше отворен со претставата „Антигона“, според Софокле, во режија на Диего Де Бреа, продукција на „Београдско драмско позориште“ од Р. Србија, синоќа на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес беше отворено 19 издание на ИФАД „Стоби 2022“.

IFAD Stobi 2022

Во официјална конкуренција за една од наградите на фестивалот утре на истата сцена, ќе се изведе претставата „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, настаната во копродукција меѓу „Корифеј театар“, ЦК „Колашин“ и ЦК „Бјело Поље“, сите од Р. Црна Гора.

Изведбата на претставата „Одисеј“ од Александар Секулов, според Хомер, режија на Диана Добрева, продукција на драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“, од Пловдив, Р. Бугарија е на 24.9.2022. Народниот театар од Ниш, Р. Србија ќе ја изведе претстставата „Еден Едип“, по авторски текст на А. Н. Роса, во режија на Југ Ѓорѓевиќ на 26.9.2022.

Последната претстава во официјалната селекција е „Пандорината кутија: наследството на ќерката“ од Ришард Ниечим и „Медиа Артес“, која ќе биде изведена на 28.9.2022. Во чест на лауреатите, во сабота, на 1.10.2022, свој настап ќе има Националната опера и балет, со изведбата на современата балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“, музика на Калиопи, кореографија на Олга Панго, либрето на Сашо Димоски.

По изведбите на секоја од претставите во официјалната селекција ќе се одржат разговори, тркалезни маси со годинешното кредо на фестивалот: во нови слики.

Во придружната програма ќе бидат изведени претставите: „Популус“, танцтеатар, режија и кореографија на Филип Петковски, „Мечта на трагичните поети“, танцтеатар, режија и кореографија Адријана Данчевска, „И боговите јадат Тирамису“, според Ј. Овшианко, во режија на Софија Ристевска-Петрушева и „Ла Ла Ленд“, во концепт и реализација на Кала Каревски.

Во придружната програма годинава има две работилници. Првата, наменета за професионални актери, со наслов „Во потрага по Антигона“, ќе ја води режисерот Дејан Ангелов. Втората, со наслов „Рециклирани трагедии“, наменета за ученици, ќе ја води драматургот Билјана Крајчевска. Презентациите на резултатите од работилниците се предвидени за крајот од фестивалот.

Во придружната програма сместена е изложбата на театарски фотографии насловена „Маски“ од Филип Цветковиќ, гостин од Р. Србија.

Во соработка со издавачката куќа „Полица“, фестивалот ќе ја промовира книгата „Нова античка драма II“, по примерот на минатогодишната книга собрани драмски текстови, настаната од официјалната селекција на фестивалот. Ќе биде проектиран и танцовиот филм „Дома“, продукција на „Скопје Танц Театар“.

Во рамки на фестивалот има и едно предавање, насловено „Од Одисеја до Одисеј“, на режисерката Диана Добрева.

На ИФАД „Стоби 2022“ ќе се доделат четирите интернационалнни награди – за најдобра актерка, најдобар актер, најдобра режија и Гран при на фестивалот, за најдобра претстава.

Напишете коментар

Back to top button
close