„Ретроспективната изложба – 30 години творештво“ на ликовниот уметник и универзитетски професор Нехат Беќири ќе биде поставена во објектот Чифте амам. На отворањето на изложбата вечер во 19 часот ќе се обрати директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими.
Поставката во Чифте амам ќе биде композиција од изложени над стотина слики во техника акрил на платно од неговиот творечки опус, инсталации и графики.
Куратор на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.
Нехат Беќири е роден во Тетово, дипломирал сликарство на Ликовната академија во Приштина во класата на проф. Муслим Мулиќи, каде и магистрирал, во 2001 г. Работи како редовен професор по сликарство на Државниот универзитет во Тетово и предава на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Покрај дисциплината сликарство, работи и други медиуми, скулптура, инсталација. Неговите дела се наоѓаат во повеќе државни и приватни колекции во земјата и во странство.
Беќири се вбројува во најактивните и најдоследните уметници кај нас. Има реализирано над триесет самостојни изложби, бил учесник на бројни ликовни колонии, како и на голем број групни изложби.
„За богатото творештво на експресивниот, динамичен и неуморен сликар Нехат Беќири, наместо заклучок – бидејќи од него во иднина се очекуваат уште многу творечки изненадувања – можеме да сублимираме дека неговото досегашно сликарство е исклучително индивидуално и искрено, а неговите дела се одраз на нескриените внатрешни емоции во однос на темите чиј опсег на интерес се движи од длабоко интимни до универзални. Во својата основа, тоа е длабоко хуманистичко сликарство и за свој центар го има Човекот, чие присуство најчесто се чувствува токму преку отсуството во делата. Бидејќи тој е претпоставено мерило на сите ствари, треба да бидеме освестени и опоменати дека неговото егоистично дејствување е спротивно на благосостојбата на човештвото и е, најблаго речено, девастирачко“, се вели во најавта за изложбата од Националната галерија.