Институтот за македонска литература со научен собир одбележа 110 години од раѓањето на Кирил Пенушлиски (1912-2004), основоположник на македонската фолклористика, и половина век од објавувањето на целокупниот опус на собирачот на народни умотворби Марко Цепенков, во 10 тома од редакција под раководство на Пенушлиски.
– Цепенков и Пенушлиски ги врзуваа многу работи – нивната долговечност, несебичното и децениско вложување во собирање и објавување на народните умотворби и непроценливата заслуга за зачувување на македонското фолклорно богатство за наредните генерации… Нивните дела можеби временски му припаѓаат на минатото, но тие сѐ уште се интензивна преокупација на нашата современост, рече проф. д-р Ана Мартиноска, претседателка на Одборот за чествување на двата јубилеја и внука на Пенушлиски.
Во говорот насловен „Аманет од работната соба на Пенушлиски“, таа направи ретроспектива на клучните достигнувања кои, како што рече, „го прават Пенушлиски корифеј на македонската фолклористика“ и посочи на насоките што ги поставил пред науката за фолклорот и високите стандарди кои „сѐ уште се репер за сите фолклористи“.
Мартиноска соопшти дека Пенушлиски во својот живот објавил над 70 изданија, а за последната книга – „Македонски фолклор – историски преглед“ рече дека е синтеза и круна на неговиот повеќедецениски научно-истражувачки ангажман.
Таа сподели и фотографии од неговата лична архива, од работната соба во неговиот дом, преполна со книги, белешки и материјали од машина за пишување чиј звук, како што рече, е веројатно нејзината прва асоцијација кога помислува на дедо ѝ во неговата работна соба.
Мартиноска зборуваше за неговата професионалност и мотивот за работа и меморијата што ги имал и во десеттата деценија од животот, како и за човечките доблести – чесност, правдољубивост, интегритет и висока етичност што ги поседувал „Киро Пенушлијата – редок човек со ретко штипско презиме“:
– Сумирајќи ги достигнувањата на Пенушлиски, науката е едногласна дека тој е доајен и основоположник, прва и централна личност во областа на македонската фолклористика, но и главен сподвижник на нејзиниот развој… Пенушлиски постојано ја повторуваше основната задача на фолклористите – плански и систематично да се презентира сето тоа што го имаме, се старо и се што може да се најде расфрлено по странски архиви, зборници, списанија, но и сѐ што денес се создава како колективно творештво на македонскиот народ. Затоа што заборавот демне неумоливо, истакна Мартиноска.
За да се исполни неговиот аманет, порача таа, мора час поскоро да се изработи целосна и темелна биографија, библиографија и научна студија за сите аспекти и достигнувања во неговата фолклористичка, наставно-научна, издавачка и општествена активност.
Отворајќи го научниот собир, директорката на Институтот за македонска литература проф. д-р Наташа Аврамовска истакна дека имињата на Пенушлиски и преродбеникот Цепенков стојат во нераскинлива спрега не само во македонистиката, туку и воопшто во славистиката.
Таа ја нагласи заслугата на Пенушлиски за донесувањето во земјава и за првата објава на значајната ризница народни умотворби собрани од Цепенков, кои со децении, рече, стоеле во правата на туѓиот архив, а меѓу нив и првпат откриена Цепенковата Автобиографија. Несомнена културна пресвртница во земјава, истакна таа, е објавувањето на десеттомното издание во 1972 година.
– Враќајќи го во Македонија драгоцениот фолклорен материјал што прилепскиот терзија го собирал со децении, проф. Кирил Пенушлиски го прави првиот и најзначаен чекор. Другото е историја на долги години макотрпен пренос и редактирање на илјадниците страници разновиден фолклорен материјал испишан со ситниот, но читок и уреден ракопис на Цепенков… потоа неброено долги години научно категоризирање и толкување на скапоцениот фонд на којшто проф. Пенушлиски сиот професионален век посветено ќе работи и ќе го надополнува, рече Аврамовска.