Од печат излезе првата збирка поезија на Блаже Петревски со наслов „Врвот Дно“ во издание на Академска мисла – Скопје. Песните, распоредени во три циклуси („Од врвот на дното“), („Легии на свеста со штитови од мисли“), („Испарувања“) се нов силен поетски глас на македонската поетска сцена.
За дебитантското поетско остварување на Петревски, современиот македонски писател Стефан Марковски пишува:
„Словото на Блаже Петревски (Охрид, 1987), врзувајќи стих со стих во нераскинлива нишка налик јаже од темјанов дим, уште во првата песна, манифестно, низ ритуално пиење вино на Бахус кое зборува преку устата на Исус прогласува нова епоха преку сопственото поетско откровение, кое не може да постои на друг начин освен во вид на свеченост чујна единствено за оние кои имаат уши. Пешачејќи држејќи се за оваа нишка, слушајќи одеци од различни периоди од човечката историја, реална колку и митска, стигајќи во времето на поетот, во капут од стихови смртни, пеш го минеме и небото. Впивајќи го повеќедимензионалното патување на овој „брат на жарта и пепелта“ од сите три дела на неговото поетско деби, континуирано го слушаме иманентниот одѕвон на музиката, извонредната песна на трепетот насликана на платното од тишина меѓу неговите стихови сочинета од лирски и епски мелос – грандиозно распетие на поетовото слово во стихови со длабок допир. Изострувајќи го умот на читателот, Петревски значењата на зборовите не ги сведува на едноставни игри, ами на бури од стилски фигури, идентификувајќи го читателот на овие стихови како доживувач на доживеаното, изнесувајќи го и послужувајќи го сопствениот свет како епохѐ кое изискува изнурнување во поетовиот креативен ум наместо гледање низ каква било вообичаена поетско-толкувачка призма.“
Покрај Марковски, за стихозбирката се изјаснува и универзитетскиот професор Владимир Мартиновски, кој забележува дека е „вистинска реткост поетскиот првенец да биде толку зрело конципиран, толку поетски конзистентен и толку поетички, стилски и мотивско-тематски доследен како што е тоа случајот со поетскиот ракопис. […] Поезијата на Петревски го реактуелизира изометриското стиховно пеење (стиховите најчесто имаат од 10 до 12 слогови) – мисловните и поетските целини вешто се обликувани во стихови кои природно се надоврзуваат.“
Блаже Петревски е роден 1987 година во Охрид. Основно и средно образование завршил во родниот град. Студирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Уште како средношколец им се восхитувал на стиховите на Марина Цветаева, Рајнер Марија Рилке, Бодлер, Пушкин, Гете. Поезијата за него преставува најсвета, највозвишена вредност. Единствената животна надеж и негово засолниште претставува пишаниот збор, стихот кој ја остава душата без здив.
Стихозбирката „Врвот дно“ е прва стихозбирка на Петревски, составена од песни пишувани пред повеќе години, откако беше неколкупати одбиена за финансиска поддршка од Министерството за култура.