Министерството за култура, во соработка со македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, денеска распиша Конкурс за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст.
Целта на конкурсот е афирмација на современата македонска драма и збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори.
Право на учество на конкурсот имаат сите автори, државјани на Македонија, кои може да конкурираат со најмногу два македонски драмски текста кои не биле објавени ниту поставени на сцена претходно.
Приоритет ќе имаат текстовите кои поттикнуваат и промовираат млади домашни драмски автори, текстови кои ја афирмираат современата македонска драма, иницираат зголемено учество на јавноста-интерактивност, активна публика, учество на млади и текстови кои отвораат актуелни општествени прашања.
Разгледувањето и оценувањето на пријавените текстови ќе го врши комисија од истакнати, стручни и компетентни лица именувана од министерот за култура, на предлог од фестивалот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Комисијата во согласност со приоритетите и квалитетот на текстот ќе направи избор на најмногу три македонски драмски текстови.
Конкурсот трае до 15 март, а авторскиот надомест за откупен драмски текст е 120.000 денари.