КУЛТУРА

Објавен двобројот 147-148 од ревијата на Друштвото на писателите на Македонија „Стожер“

Од печат излезе новиот двоброј на Ревијата за литература, култура и уметност „Стожер“ во издание на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Двобројот е второ/трето издание на ревијата за 2023 година, со статии од книжевно-уметничкото творештво на македонските литерати, потоа осврти, преводи, согледби, хроника и кратки вести од Македонија и од светот, а истиот е отворен со краткото обраќање насловено „За писателките во македонскиот книжевен канон“ од Славчо Ковилоски, главен и одговорен уредник.

Во изданието е вклучена статијата „ChatGPT: Софтверите за ‘пишување’, (ко)авторството и иднината на литературата“, прва статија објавена во ревијата каде како коавтор на современиот македонски писател Стефан Марковски се јавува вештачкоинтелигентниот софтвер ChatGPT, текст кој го опсервира потенцијалот на генеративната вештачка интелигенција во корелација со границите и предизвиците на концептите за авторството и автентичноста.

Вклучени се и прилози кои се осврнуваат на добитниците на годишните награди на ДПМ: наградата за најдобра прозна книга на годината „Стале Попов“ – Венко Андоновски („Папокот на светлината“), наградата за најдобра поетска книга на годината „Ацо Шопов“ – Зоран Пејковски („Убавите жени“), наградата за најдобра книга со критики или есеи на годината „Димитар Митрев“ – Соња Стојменска Елзесер („Книжевен бинокулар“) и наградата за најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески“ – Ели Маказлиева („Чудесен дар во годишен календар“).

Во изданието се вклучени и обраќањата на Христо Петрески, претседател на ДПМ, по повод 13 февруари – Денот на основањето на Друштвото, и на Кристина Николовска, претседателка на Собранието на ДПМ, по повод Светскиот ден на поезијата.

Застапени се и статии од: Гордана Михаилова Бошнакоска, Александра Јуруковска, Лилјана Пандева, Гоце Ристовски, Марија Ралповска, Габриела Стојаноска-Станоеска, Владо Јаневски и други, како и интервју со универзитетскиот професор, естетичар и поет Иван Џепароски околу централните естетички категории на возвишеното и убавото во книжевноста и уметноста, филозофијата на секојдневниот живот, духовноста, постхуманизмот и други теми.

Ревијата „Стожер“ излегува најмалку четирипати годишно во печатен и дигитален облик, а сите заинтересирани можат да ја читаат бесплатно на веб-сајтот на Друштвото на писателите на Македонија.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close