КУЛТУРА

Над 60 издавачки куќи, повеќе од 30 промоции на книги на домашни и странски автори, Саемот на книга започнува на 18 април!

36. издание на Саемот на книга, кое годинава се одбележува под мотото „Приказна се чита“, повторно ќе се одржи во арената Борис Трајковски во периодот од 18 до 24 април. Во текот на седумте саемски денови посетителите ќе можат да си одберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори од преку 60 издавачки куќи од Македонија и регионот, а ќе имаат можност и да присуствуваат на преку 30-те промоции на нови книги и автори, во рамките на Саемот.

Br.4

Саемот на книга 2024 ќе биде отворен за посетители на 18 април од 10:00 часот, додека официјалното отворање на кое ќе се обрати и Министерката за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска Стојчева, ќе се одржи истиот ден во 12:00 часот.

Слоганот на Саемот оваа година е „Приказна се чита“, кој е инспириран од растечкото присуство на социјалните мрежи и начинот на брзо информирање преку опцијата наречена „story“ (мак. „приказна“). Оваа реченица прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време.

fin v4 Don Kihot KV Landscape

Покрај широкиот избор на книги, Саемот оваа година организира и едукативни работилници, промоции и средби со автори кои ќе се реализираат на штандовите на издавачите, како и забавна детска програма која со сигурност ќе ги заинтеиресира најмладите посетители.

За првпат оваа година ќе биде реализирана Фелоушип програмата на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), која ќе трае од 17 до 20 април и ќе им овозможи на учесниците на програмата одблизу да го погледнат Саемот и да се запознаат со македонските автори. Во рамки на програмата се предвидени организирана прошетка низ Саемот на книгата, „брзи состаноци“ со македонски издавачи, презентација на Конкурсот за странски преводи на македонски автори на Министерството за култура на Република Северна Македонија, панел-дискусија за време на саемот во којашто ќе учествуваат учесниците на Фелоушип-програмата, како и неформални дружења со македонски писатели, издавачи, преведувачи, како и туристичка тура низ Старата чаршија и центарот на Скопје, која ќе ја води македонскиот писател Васко Марковски.

fin v4 Orkanski visochini KV Landscape

По отворениот повик, комисијата на МАИ формирана за оваа намена, избра пет учесници на Фелоушип-програмата: Флоранс Жири („Агенција „Флоранс Жири“, Франција), Петра Кавчич (издавачка куќа „Белетрина“, Словенија), Јанис Краниас (издавачка куќа „Ентипоис публикејшенс“, Грција), Ена Хасечиќ (издавачка куќа „Бајбук“, БИХ), Мирослава Уљаревиќ (издавачка куќа „Ободско слово“, Црна Гора).

Фелоушип-програмата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзината цел е да ги запознае издавачите и книжевните агенти со домашното издаваштво, со трендовите во современата македонска книжевност, со нашите најистакнати писатели и да им „открие“ дела што можат да ги внесат во својата издавачка програма.

Саемот на книга ќе биде отворен за посетители од 18 до 24 април, секој ден помеѓу 10:00 и 20:00 часот, освен на денот на затворањето кога ќе работи до 18:00 часот. Покровител на Саем на книга традиционално е Министерството за култура на РСМ.

За сите дополнителни информации во текот на претстојниот саем, следете го Скопски Саем на www.skopskisaem.mk и на @skopski.saem на Instagram и Скопски саем – Skopski saem на Facebook.

Напишете коментар

Back to top button
close