КУЛТУРА

Концерти на „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“ на последната фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“

Вечерва, 27 април е третата и последна фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“.

MFS 2024

Во Едукативниот културен центар Лабораториум со почеток во 21 часот со концертен настап ќе се претстават „Macedonian Free Society“. Потребата за нов-креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачи израз, како соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика е токму поводот за креирање на еден ваков мега состав. Иновацијата во креирањето на музичко дело и изведба на поединечни музички преокупации и изразни форми на секој од членовите вткаени во предизвикувачка и квалитетна целина е резултатот на овој современ ансамбл. Неговите членови поединечно, или како дел од нивните матични состави нижат признанија и награди во домашен и меѓународен контекст, и тоа: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за ПМГ Џез, како 46 издание, излезе и првиот албум на „Macedonian Free Society“.

POETRONIKA 2024

Веднаш потоа во 22 часот на истата локација, концерт на „Поетроника“. Еден од највозбудливите музички проекти во земјава, кој поставува нова парадигма во начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс и во симбиоза со авторска електронска музика, изведена во живо. Заслужни за тоа се двајца врвни современи уметници, Оливер Митковски, еден до најголемите домашни актери, кој во изведбата го носи читачкиот (поетски, интерпретативен) дел и Андреја Ристески – Салпе, талентиран автор и продуцент, еден од водечките современи македонски електронски артисти, задолжен за музиката. Неочекувана, но благодарна комбинација, која дава силно модерен и динамичен поглед врз македонскиот поетски пишан збор. Музиката на Андреја Салпе е квалитетна современа електронска продукција, со традиционални и џез одеци, која волшебно пронижена со искусниот вокал на Митковски фрла ново светло на познати и не толку познати стихови од нашето минато и сегашност од автори како: Ацо Караманов, Гого Ивановски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески. Квалитетот на изведбата во „Поетроника“ ги елевира песните на ново, неочекувано, неописливо атрактивно ниво и ги прави податни за ново толкување, приближувајќи ги до нова, млада публика.

Крај Вардарот Џез Фестивал 2024 е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и едукативниот културен центар Лабораториум. Онлајн продажба на билети е достапна преку bileti.mk. https://bileti.mk/e/krajvardarotjazzfest24 (за 27 април).

Напишете коментар

Back to top button
close