Вечерва, во големиот салон на галеријата „КО-РА“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, од 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба на уметникот Стефан Димовски насловена „Каде одиме…?“.
– Светот на Стефан Димовски не престанува да нѐ изненадува, секогаш со еден нов изблик на колоратурна свежина, со сиот изблик на хроматска ведрина, со магичнoста на колажните структури и гамата преточена од хармониите на флуидни пасажи до игросказот на колажните сегмнети преточени во питорескна структура, до пастуозноста на акцентите кои ја посочуваат импресијата од најразнородна екпресија, која го проткајува сетосеобилство на разнородни инвентивни сегменти, секогаш сплотени како самопоникнати, затечени и инсертирани секвенци, воспани со различни соодноси, модулации и ре-модулации, пишува Виолета Калиќ, дипломиран историчар на уметноста во каталогот за изложбата на Димовски.
Како што додава, со сета повеќекратна симболика, која рибата како мотив ја има низ севкупната генеза запазено, оваплотен во неброени монументи, мозаици, од античкиот или ранохристијанскиот период сѐ до денес, во еден непрекинат континуитет, таа плени и вдахмовува, секогаш еден нов приод и интерпретација.
– Овој циклус посветен на рибата, како мотив кој побудува неисцрпна имагинација и разнообразна интерпретација, ја отсликува пак сета неисцрпна и непредвидлива фантазија на авторот, посочува Калиќ.
Стефан Димовски е роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995. Долгогодишниот престој во Франција му увозможува да воспостави контакти со познати акварелисти, и да ја усоврши акварелната техника до перфекција.
Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Негови дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и странство. Во неговите дела покрај чистиот акварел, присутна е и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепиа, пастел)