„Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда која во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ традиционално се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија, оваа година ќе биде постхумно доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија.
Наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, со која се оддава признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија, оваа година постхумно ќе му биде доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија. Во неговата богата професионална биографија, ќе останат запаметени двата најголеми успеси на нашиот филм: номинацијата за Оскар на филмот „Пред дождот“ во 1994 година, кога тој раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“ и двојната номинација за Оскар на филмот „Медена земја“ во 2020 година, кога тој беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ.
Горјан Тозија (1954-2022) беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во министерството за култура и советник во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Беше претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993. година се наоѓаше на чело на државната продуцентска куќа „Вардар филм“. Тозија е продуцент на повеќе домашни и странски филмови: „Ослободувањето на Скопје“ (2016) „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Пред дождот“ кој доби номинација за Оскар во 1994, „Undercover“ (1991), „Sidney Sheldon’s Memories of Midnight“ (1991), „The Forgotten“ (1989), „A time of destiny“ (1988). Во својата кариера работеше на повеќе од 50 филмски и ТВ проекти. Во периодот од 2017 до 2020 година беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ, под чие водство македонскиот филм го доживеа најголемиот успех до сега.
Како пасиониран вљубеник во филмот, Тозија целиот свој живот го посвети на афирмација на македонската кинематографија во светот, се залагаше за поддршка на младите кретивни автори и за поголема застапеност на жените во филмската индустрија.
„Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е награда на Друштвото на филмски работници на Македонија. Со наградата воведена во 2013. година се оддава признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а традиционално се доделува во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, актерка (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020) и Бајрам Северџан, филмски актер (2021).
И оваа година тимот на „Божиновски часовници и накит“ ја имаше честа да ја изработи наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на фестивалот „Браќа Манаки“, награда која традиционално се доделува за особен придонес во македонската кинематографија.
„Креирањето на оваа награда како автентична рачна изработка веќе неколку години по ред е еден од најинспиративните проекти за нашиот тим и тоа немаше да биде ништо необично, доколку мотото по кое се води креативно дизајнерскиот тим, кој е најодговорен за изработката на наградата не е „Само ако е најдобро, тогаш е доволно добро“. Па така секоја година тимот на перфекционисти посветено работи на тоа како секоја новоизработена ѕвезда да блеска уште повеќе од претходната. Убедени сме дека и оваа година успешно одговоривме на предизвикот“, изјавија од Божиновски часовници и накит.