Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски денеска имаше извонредна светска премиера во Токио. Пред преполна сала и пречекан со огромен аплауз, „Кајмак“ премиерно беше прикажан на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио. По проекцијата режисерот и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска имаа топол и динамичен формален разговор со возбудената јапонска и меѓународна публика.
„Кајмак“ се прикажува во официјална конкуренција на овој фестивал од А-категорија, кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Од предложени 1.700 филмови од 107 земји, во официјална конкуренција влегоа само 15, меѓу кои и македонскиот „Кајмак“.
Откако се распродадоа двете фестивалски проекции на „Кајмак“, организаторот додаде и трета проекција, предвидена за претпоследниот ден на фестивалот.
Организаторот му укажа исклучителна чест на Манчевски со тоа што го покани утре да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика како единствен автор од западниот свет со мастерклас покрај претседателката на жирито, американската режисерка Џули Тејмур („Кралот лавов“ на Бродвеј, „Фрида“, „Бура“, „Титус“).
Манчевски ќе има формален разговор со публиката и по втората распродадена проекција на филмот, на 28 октомври.
ТИФФ се отвори на 24 октомври, кога на црвениот килим продефилираа сите учесници, меѓу кои и дел од македонскиот тим на „Кајмак“ предводен од режисерот Манчевски, актерките Климоска и Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев.
„Холивуд репортер“, во извештајот од свеченото отворање на фестивалот забележа дека на црвениот килим беше и Милчо Манчевски со актерските ѕвезди од „Кајмак“, нарекувајќи го „македонскиот ерудит од Њујорк“.
Билетите за проекциите се распродадени една недела однапред.
Годинава фестивалот се враќа во физичка форма по две години пандемија, а по 14 години пауза повторно ја враќа наградата „Акира Куросава“. Таа се доделува на автори за извонреден придонес во светската кинематографија. Годинaшниот добитник е мексиканскиот оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту.
По светската премиера во Токио, „Кајмак“ патува на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван.
Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.
„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.
Финансиери се Агенцијата за филм на Северна Македонија и државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од европскиот фонд Еуроимаж. Македонската Радио Телевизија е копродуцент, а главни партнери на филмот се Алкалоид, НЛБ Банка и Виза; партнери на филмот се и Окта, Тиквеш, Витаминка и Дајмонд оф Скопје.
По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.
Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга од Холандија, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска. Во екипата беа вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија, Србија и Бугарија.
Филмот е помогнат од бројни домашни и странски поединци и компании.
Фотографии: 2022 ТИФФ