Фестивал на дуодрама насловен по познатиот македонски театарски актер Бранко Ѓорчев, кој почина во 2013 година, за првпат од вечерва ќе се одржува во Неготино, неговиот роден град. Фестивалот, кој е единствен од ваков вид (дуодрама) во Македонија и кој има интернационален карактер, ќе трае до 9 септември.
На фестивалот, кој е во организација на Општина Неготино и на Театар Провокација – Скопје, ќе бидат доделени следниве награди: награда за најдобра машка улога, за најдобра женска улога, за најдобра режија, специјална награда и гран-при.
Жири-комисијата е во состав: Благоја Чоревски-Чоре (актер), Мирјана П. Ристов (актерка) и Билјана Крајчевска (драматураг).
Селектор на фестивалот е актерот и режисер Роберт Ристов.
Фестивалот стартува вечерва (5 септември) со претставата „Кислород“ во режија на Иван Јерчиќ, на Народниот театар – Битола, во која играат Викторија Степанова-Јанкуловска и Никола Стефанов.
На првото издание на фестивалот ќе бидат изведени и претставите: „Анатомија на неверството“ на Театар Комедија – Скопје, која е во режија на Александра Кардалевска и во која настапуваат Жаклина Петровска и Тони Денковски; „Ожени ме“ на Театар Провокација – Скопје, во режија на Роберт Ристов и во која играат Изабела Јакимовска и Бранко Атанасов (двете на 6 септември); „Грета“ во режија на Тамара Стојаноска, со настап на Димитрина Мицкоска и Ане Блажоски, на Театар Златен Елец – Скопје (7 септември), како и „Мојот сопатник стравот“ на Сцена Маска од Србија, а во режија на Иван Томашевиќ, каде што настапува тој со Анета Томашевиќ (8 септември).
На 9 септември, пак, од 19:30 часот, во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ ќе се доделуваат наградите на фестивалот, по што ќе следува стендап настап со Тино и Атанас, во чест на наградените.