Ова јубилејно издание кое започнува утре на 20ти, а ќе трае до 24ти јули, ќе се отвори на
нова локација, предворјето на црквата Св. Софија со почеток од 20:30ч. На отварањето ќе
биде прикажан филмот „A Simple Man” на режисерот Тасос Геракинис, филм за границите
и последиците кои доаѓаат од нивното преминување. По завршувањето на проекцијата
посетителите ќе можат да се забавуваат со музичката програма на фестивалот која ќе ја
отвори ДЏ Дамјана.
Во фокусот на ова издание е фестивалското жири составено од германскиот
кинематографер Фред Келемен, особено препознатлив по неговите соработки со еден од
највлијателните европски режисери – Бела Тар. Потоа Кавех Захеди, американски
независен режисер кој во склоп на фестивалот ќе одржи и Мастерклас и Срѓан Драгојевиќ,
српски режисер на култните „Ние не сме ангели“, „Рани“, „Паради“.
Фестивалот ќе се одвива на четири локации. Од 21ви јули фестивалското случување се
сели на својата препознатлива локација – плажа, а оваа година тоа е плажата Славија.
Таму секоја вечер ќе се одвиваат проекции со почеток во 20:30ч. Во Лапидариумот, каде
блезот ќе биде бесплатен, ќе бидат прикажани кратките филмови од официјалната
селекција и кратките студентски филмови од официјалната селекција. Додека на Бродот
Армада посетителите ќе имаат можност да уживаат во проекција додека се крстари низ
Охридското езеро.
Љубителите на филмот и филмската уметност на фестивалот ќе имаат можност да ги
погледнат филмовите „A Pure Place”, „Anais in Love”, „Infinite Sea”, „Inventura”, „Bitch, a
Derogatory Term for a Woman”. Додека како специјална проекција и проекција која ќе го
затвори фестивалот ќе биде филмот „Сестри“ на Дина Дума.
Покрај филмската и музичката програма, на фестивалот ќе се одржат и работилниците за
Дизајн на постер кој ќе го води Матеја Николиќ и Филмска опрема чиј модератор ќе биде
Илија Тирицовски.
Фестивалските карти се по симболична цена од 100 денари и истите ќе можат да се
набават онлајн на www.bff.mk или пак на самиот влез.