Иако името „Твитер“ веќе долго време не е во официјална употреба, оние што сакаат да го зачуваат од заборав славното лого со сината птица, сега имаат можност – доколку имаат доволно пари.
Знакот, кој е една од двете птици што ги краселе канцелариите на Твитер, моментално се наоѓа на аукција.
Огромното лого, кое беше дел од седиштето на компанијата во Сан Франциско, е еден од најпознатите симболи поврзани со оваа социјална мрежа. Без изненадување, ова парче историја не е евтино.
Во моментов, понудата за логото „Лари“, кое тежи околу 250 килограми, надминува 23.000 долари. Аукциската куќа RR Auction предвидува дека цената би можела да достигне 40.000 долари.
Ова не е првиот „Лари“ што завршува на аукција. Откако Илон Маск го презеде Твитер во 2022 година, голем број предмети од поранешните канцеларии на компанијата беа ставени на продажба. Една помала верзија на логото се продаде за 100.000 долари, додека друго големо лого, кое се наоѓаше на зградата, беше продадено по неоткриена цена.