Ако ова лето вниманието ви го привлече младиот, харизматичен и исклучително талентиран кумановец Никола Милосковски со неговиот прв кавер за култната песна „Полско цвеќе” од отпеана од македонската музичка икона Тоше Проески, тогаш неговото најново музичко изненадување сигурно ќе ве натера повторно да притиснете „play”. Овој пат, предновогодишно и токму во вистински момент, Никола се претставува со своја верзија на емотивната балада – песната „Лутка” од Саша Матиќ. Станува збор за песна што, како што самиот тој признава, одамна ја носи во себе.

„Ја имам слушнато многу одамна и некако буди посебна емоција во мене. Во комбинација со мелодиската линија, буквално ми е по мој вкус”, вели Никола, додавајќи дека токму ваквите балади му дозволуваат да го покаже својот вистински вокален и емоционален израз.
Во време кога каверите често звучат исто, Милосковски се обидува да внесе личен печат – без копирање, без претерување, туку со мерак и искреност. Токму тоа е и причината зошто неговите изведби лесно наоѓаат пат до публиката. Посебно внимание привлекува и видеото, зад кое стои Стефан Катранџиски, со кого, како што вели Никола, уште од првиот момент постоела јасна уметничка визија.
„Уште од самиот старт ми се допадна неговата професионалност во снимањето и начинот на кој успеавме заедно да ја доловиме емоцијата”, открива Никола, нагласувајќи дека визуелната приказна е важен дел од целокупниот впечаток.
Она што го издвојува Никола Милосковски на домашната сцена е неговиот природен пристап кон музиката – без маски, со јасна емоција и препознатлива боја во гласот. Неговиот фокус не е само на нотите, туку и на она што се крие помеѓу нив – искрената интерпретација и личниот печат.

Но, ова не е крајот на музичката приказна за младиот пејач. Напротив – во периодот што следува се очекуваат уште неколку преработки, кои веќе се снимени, а доколку сè оди според планот, публиката наскоро ќе може да ја слушне и неговата прва авторска песна. Додека новите проекти се подготвуваат, Никола Новата година ќе ја дочека работно, настапувајќи во Гостилница „Дома” во Куманово, заедно со луѓето кои ја ценат неговата работа и го препознаваат звукот и приказните што ги раскажува – и во музиката, и во тишината меѓу тоновите.
Со ваков континуитет, искреност и љубов кон музиката, Никола Милосковски полека, но сигурно, станува име што вреди да се следи на домашната сцена.
Видео спотот може да го превземете и споделите од следниот линк на YouTube:





