Битолскиот состав „CODE 369″ викендов настапи во Славонски Брод, во рамките на традиционалниот Славонија фест – CMC 200.
На градската тврдина Брод тие во живо го промовираа својот деби-албум „Stages of Love”, објавен под закрилата на најголемата регионална издавачка куќа „Кроација Рекордс”.
Пред фестивалот, на конференција за медиумите, заедно со уште неколку регионални состави, тие пред новинарите дојдени за фестивалот го представија своето првенче.
Албумот „Stages of Love” содржи дванаесет песни, и тоа е првиот албум што го создадоа и снимија под името „CODE 369″ (КОД 369). Нивната музичка мисла е секогаш на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп музиката, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардни идеи на првите категории и прифатливоста на другата.
Во нивните текстови може да се препознаат универзалните човечки и литературни вредности, љубовта како движечка сила и силата на поединецот како движечка сила кон најдоброто во себе – порачуваат од „Кроација Рекордс”.
„CODE 369″ е македонски бенд од Битола, формиран во 2020 година. Тие се продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на „Памперс”: Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали) и Иле Лулевски (тапани, придружни вокали).
Во музиката на „CODE 369″ се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации, кои проткајуваат во препознатливата рок-основа и влијанија на современата музика во домен на поп и рок.
„Добиваме навистина убави реакции од публиката за нашите песни, тие го сакаат тоа што го компонираме и нашата музика ја прифатија како своја. Уживаат да не слушаат и тоа е нашата омилена награда”, изјавува пејачката на бендот, Ирена Димовска.
Летово, пред сите овие случувања, „CODE 369″ потпиша петгодишен ексклузивен издавачки договор со „Кроација Рекордс”. На нивната работна посета во Загреб тие го снимија и првиот сингл на хрватски јазик, со наслов „Права љубав”.