Појадокот е најважниот оброк во денот бидејќи со него го започнуваме целиот процес во организмот и претставува клучен фактор за остатокот од денот.
Затоа, нутриционистите сметаат дека одредени видови храна треба да се избегнуваат кога станува збор за првиот дневен оброк.
Овошен јогурт
Како храна богата со пробиотици, јогуртот често се рекламира како хранлив додаток во исхраната. Сепак, не сите јогурти се исти, а експертите препорачуваат да се избегнуваат ароматизираните јогурти.
Зошто овошниот јогурт не е идеален?
„Многу ароматизирани јогурти содржат голема количина додаден шеќер, понекогаш дури и колку бонбоните“, вели Керолајн Сузи, портпарол на Академијата за исхрана и диететика за Real Simple и додава:
„Ова може да доведе до нагло покачување на шеќерот во крвта, а потоа брз пад, оставајќи ве гладни за кратко време.“
Подобра опција за појадок: Обичен грчки јогурт богат со протеини е вистинскиот избор. Доколку сакате повеќе вкус, можете да додадете свежо овошје, јаткасти плодови или малку мед за природна сладост.
Флаширани смутиња и овошни сокови
Смутињата и соковите се популарен избор за појадок „од нога“, но не секогаш се најздравата опција.
Зошто претходно подготвените смутиња и сокови не се идеални?
Сè се сведува на влакната – и нивното отсуство.
„Многу готови смутиња и сокови содржат малку влакна, но многу шеќер, што доведува до нагли падови на енергијата. Дури и ако се направени од овошје, пиењето сокови без влакна не носи исти придобивки како јадењето цело овошје.“
Подобра опција за појадок: Наместо купечко, подгответе домашно смути. Комбинирајте цело овошје, зеленило, протеини и здрави масти (како путер од јаткасти плодови или ленено семе) во блендер, и ќе добиете нутритивно богат појадок.
Крофни и слатки пецива
Јасно е дека крофната или чоколадниот кроасан не се најздравиот избор за појадок.
„Слатките варијанти за појадок, како крофните, најчесто немаат доволно протеини и влакна, кои се клучни за да останете сити подолго време. Тоа значи дека наскоро повторно ќе бидете гладни и ќе посегнете по уште една крофна,“ вели нутриционист за Real Simple.
Подобра опција за појадок: Ако понекогаш не можете да одолеете на крофна или на палачинки со сируп, комбинирајте ги со храна богата со протеини, како јајца, за порамномерно ослободување на енергијата.