Денеска се одбележуваат 150 години од Разловечкото востание – историски настан кој на 20 мај 1876 година во Разловци го означи почетокот на организираниот отпор за слобода. Македонските синови, предводени од Димитар Поп-Георгиев Беровски, го запалија пламенот на револуцијата кој засекогаш остана врежан во македонската историја.

Иако востанието беше задушено, идејата за слободна Македонија никогаш не згасна. Од Разловци па сè до Илинденското востание, македонскиот народ чекореше со вера, жртва и љубов кон татковината.

По повод јубилејот, денеска во Делчево и во Разловци се одржа свечено одбележување на настанот, на кое присуствуваа градоначалникот на Делчево, премиерот Христијан Мицкоски и други владини претставници, со положување цвеќе и културна програма во чест на востаниците.






