ЗАНИМЛИВОСТИ

Зошто ја украсуваме елката и од кога постои овој обичај?

Китењето елка е еден од најубавите делови од празничната сезона, а самиот обичај често претставува совршена причина за семејно дружење.

Многу пред христијанството, растенијата и дрвјата кои останувале зелени во текот на целата година имале посебно значење за луѓето во зима.

Новогодишна елка

Токму како што луѓето денес ги украсуваат своите домови за празничната сезона, древните народи ги закачувале зимзелените гранки над своите врати и прозорци. Во многу земји се верувало дека тие ги одвраќаат вештерките, злите духови и болестите.

Многу древни народи верувале дека сонцето е бог и дека зимата доаѓала секоја година бидејќи сонцето ослабнало и се разболело.

Тие го славеле солстициумот, што значело дека богот ќе почне да се опоравува, а зимзелените гранки ги потсетувале на сите зелени растенија кои повторно ќе пораснат кога богот на сонцето ќе зајакне и летото ќе се врати.

Старите Египќани го обожавале богот Ра, а за време на солстициумот, кога тој почнувал да се опоравува од болеста, Египќаните ги исполнувале своите домови со зелени палми, кои го симболизирале триумфот на животот над смртта.

Старите Римјани го славеле солстициумот со гозба наречена сатурналија во чест на богот Сатурн, богот на земјоделието. Солстициумот за нив значел дека фармите и овоштарниците наскоро повторно ќе бидат зелени и плодни.

По повод овој настан, куќите биле украсувани со зимзелени гранки.

Во северна Европа, мистериозните друиди ги украсувале храмовите со исти гранки како симбол на вечниот живот.

Викинзите ги сметале зимзелените гранки за посебни растенија на богот на сонцето Балдер.

Китењето елка, значи, е остаток од предхристијанството како елемент на обожување на природата – тоа е етнолошка традиција. Дрвото е симбол на врската помеѓу небото и земјата, неговите корени се во земјата, а гранките се стремат кон небото.

Кога започнала денешната традиција?
За почетокот на традицијата каква што ја знаеме денес се заслужни Германците во 16 век. Тогаш христијаните внесувале украсени дрвја во своите домови. Некои правеле божиќни пирамиди од дрво и ги украсувале со зелени гранки и свеќи.

Постоело широко распространето верување дека протестантскиот реформатор Мартин Лутер прв додал свеќи на дрвото. Една зимска вечер, според приказната, додека се враќал дома и подготвувал проповед, бил восхитен од сјајот на ѕвездите што светкале меѓу зелените дрвја. За да го пренесе овој призор на своето семејство, во дневната соба поставил дрво на кое ставил запалени свеќи.

Обичајот на китење елка се проширил низ целиот свет. Денес украсени елки се наоѓаат насекаде – од домовите, преку градските улици и плоштади, до деловните простори.

Напишете коментар

Back to top button
close