Филмот „Her“ од 2013 година, во кој главниот лик се заљубува во вештачка интелигенција, веќе не е научна фантастика. Ново истражување на компанијата World, спроведено од тимот на Сем Алтман, откри шокантен факт – секоја четврта личност признала дека флертувала со чет-бот, било свесно или несвесно.
Истражувањето, кое опфати дури 90.000 корисници од вкупно 25 милиони луѓе на мрежата World, фрли ново светло врз револуцијата во меѓучовечките односи. Во свет во кој границата меѓу реалното и виртуелното е сè потенка, луѓето сè почесто развиваат емотивни врски со вештачка интелигенција.
Пример на овој феномен е апликацијата Replika, лансирана во 2017 година, која им овозможува на корисниците да креираат персонализирани романтични чет-ботови. Според податоците на компанијата Apptopia, до 2023 година Replika привлекла 676.000 активни дневни корисници, кои во просек поминуваат два часа дневно во разговори со своите виртуелни партнери.
Нова ера на дигитални врски
И покрај растечкиот тренд на AI-романтики, повеќето корисници сè уште се претпазливи кога станува збор за интеракцијата со ботови. Дури 90% од испитаниците изразиле желба апликациите за запознавање да воведат систем за верификација на вистински луѓе. Уште поинтересен е податокот дека 60% од корисниците или се посомневале или откриле дека комуницираат со бот, а не со вистинска личност.
Тјаго Сада, главниот директор за производи во компанијата Tools for Humanity, која ја развива технологијата World, ги споделува своите искуства:
“Како некој што често користи апликации за запознавање, постојано се среќавам со лажни профили. Гледате профили што се премногу добри за да бидат вистинити. Или ќе забележите дека личноста има шест прсти. Зошто има шест прсти? Се испоставува дека е AI.”
Иднината на романтичните врски во дигиталната ера
Феноменот на емотивно поврзување со вештачката интелегенција отвора бројни прашања за иднината на човечките односи. Додека некои ја гледаат оваа технологија како начин за справување со осаменоста, други предупредуваат на потенцијални психолошки последици од замената на вистинските човечки интеракции со виртуелни.
Како одговор на овој предизвик, World разви производ наречен World ID Deep Face, кој користи нивен постоечки систем за верификација – со фотографирање на ирисот на окото преку посебен уред во форма на топка – за да потврди дали корисниците комуницираат со вистински луѓе во реално време за време на видео повици или четувања на платформи како Google Meet, Zoom или апликации за запознавање.