Култура

„Бунтовната принцеза“ на македонски јазик: Успешна пред-премиера во Скопје

Во пријатна и свечена атмосфера, на 16 април во 19 часот во Cineplexx во Скопје се одржа претпремиерата на анимираниот филм „Бунтовната принцеза“, британско-кипарска копродукција што го освои вниманието на најмладата публика – и тоа синхронизирана на македонски јазик.

Buntovnata printseza na makedonski jazik uspeshna pred premiera

Настанот ги собра љубителите на анимацијата, родителите и децата, како и самите актери кои ги позајмија гласовите за македонската верзија. Присутните имаа можност да се сретнат со нив, да слушнат интересни приказни од снимањето и да направат фотографии со позајмувачите на гласовите зад нивните нови омилени ликови.

Синхронизацијата на филмот ја реализираа Тик-Так Аудио и Апофениа пост, студија со големо искуство во областа на звучното адаптирање.
Тик-Так Аудио е носител на сите права на територијата на Македонија за овој наслов, за период од 7 години, што претставува важен момент за развојот на локалната индустрија на синхронизација и за подигнување на стандардите во оваа сфера.

Buntovnata printseza na makedonski jazik pred premiera

Филмот веќе може да се погледне во Cineplexx во Скопје, како и во Киноверзум кината, 3Д Кино Битола и во останатите кина и културни домови  низ целата република овозможувајќи им на децата и родителите од сите делови на земјата да уживаат во ова анимирано остварување на својот мајчин јазик.

“Во следниот период, „Бунтовната принцеза“ сакаме да биде достапна и на домашните стриминг платформи и ги повикувам сите дистрибутери за дигитални содржини да нè контактираат за да ги договориме условите за соработка“ – рече Петар Николоски, извршен продуцент на Тик-Так Аудио.

Buntovnata printseza pred premiera

Младата актерка Миа Кантарџиева беше едно од најсветлите имиња на вечерта, со изведба што беше топло поздравена од присутните. Таа успеа да ѝ даде душа на насловниот лик – храбрата, одлучна и по малку инаетлива принцеза која одбива да го следи утврдениот кралски пат.

Тони Цифровски, новинар на Македонското радио, присуствуваше на проекцијата и даде свој впечаток:
„Визуелно инспиративната британско-кипарска копродукција ‘Бунтовната принцеза’, надополнета со гласови од врвни македонски актери, не само за најмладата публика нуди авантура во која несомнено се ужива.“

Тој посебно ја пофали Кантарџиева, додавајќи:
„Миа Кантарџиева со својата гласовна инвенција е буквално ‘родена’ бунтовна принцеза…“

Цифровски истакна и поширокото значење на ваквиот проект:
„Ова е проект што остава сериозен простор за можност да се добие дозвола за македонско гласовно оформување на неприкосновените остварувања од Дизниевата продукција…“

Buntovnata printseza na makedonski jazik uspeshna pred premiera 1

„Бунтовната принцеза“ нуди приказна за млада девојка која не се задоволува со улогата што ѝ е доделена од општеството. Наместо тоа, тргнува во потрага по вистинската себе – приказна полна со авантура, емоции и инспирација за младите гледачи.

Ова претпремиерно прикажување не само што ја промовираше филмската приказна, туку и ја афирмираше важноста на квалитетната синхронизација на македонски јазик, со внимателно адаптирани дијалози, звучна режија на високо ниво и гласови што совршено се вклопуваат во карактерите.

Со „Бунтовната принцеза“ македонската публика добива уште едно вредно анимирано дело на свој јазик, а македонските креативни студија и актери повторно покажаа дека се подготвени за највисоки предизвици на интернационалната сцена.

Оставете коментар

  • Facebook Коментари
Back to top button
close