Женското тело ја има најголемата моќ – преку бременоста, создава живот. Расте мало срце што чука веднаш до вашето, сведоштво за љубов што добива облик. Бременоста не е само биолошко чудо, туку најдлабоката и најчистата љубовна приказна – доказ дека љубовта има лице… кое наскоро ќе го запознаете. По породувањето, вашето тело поминува низ значајни трансформации – физички, хормонални, емоционални и ментални. Додека општеството наметнува нереални стандарди и очекува мајките брзо „да се вратат во форма“ – често се заборава на менталното и физичкото здравје на мајките. Што ако, наместо да се бара „повторно да изгледате како порано“ – да почнеме да ја славиме вистинска сила и моќ на мајчинството?
Ново темпо на живот: телото не е исто – и не мора да биде!
Реалноста по породувањето е далеку поразлична од сјајот на совршените фотографии на Instagram, смешните мама видеа на Tik-Tok или романтичните статуси на Facebook. Тоа е период исполнет со силни чувства, тишина што понекогаш тежи, и тело што се менува на начин што ретко вистински се прикажува. Може да забележат промени во тежината, појава на стрии, чувствителни гради, нов облик на стомакот, променета кожа и варијабилно ниво на енергија. Доењето исто така носи свои предизвици- не секогаш оди според планот. Болки во градите, променлива количина на млеко и чувството на исцрпеност се дел од оваа реалност што заслужува разбирање и поддршка. Ритамот на вашето женско тело се менува и хормоналните промени се интензивни – и не е слабост да се чувствувате „нестабилно“, осетливо или уморно – тоа е нормален процес во пост-породилниот период. Ако чувствувате дека емоциите ве совладуваат, не двоумете се да разговарате со доктор или психолог. Не заборавајте: не сте сами, и секоја подадена рака е добредојдена.
Без надворешен притисок – ваше тело, ваши избори!
Не должите никому „враќање во форма“- ниту пак да се вклопите во туѓите очекувања за тоа како треба да изгледа вашето тело после породувањето. Телото што родило заслужува само почит, а не „поправка“. Изборот дали и кога ќе започнете со физичка активност, каква исхрана ќе следите или дали ќе доите е само ваш. Единствена мерка треба да биде како се чувствувате вие, а не туѓите коментари или несфатливите стандарди на социјалните мрежи. Мајчинството не е совршена слика – туку вистинска, понекогаш хаотична, но длабоко вредна. Телото ви служи, ве носи и ве поддржува. Вие не сте само мајка – вие сте жена со потреби и чувства што заслужуваат внимание. Грижата за себе е првиот чекор кон посреќно мајчинство – бидете трпеливи кон себе, исто како што сте и кон сите околу вас. Кога ќе си дадете љубов и грижа, ќе бидете посилна, поздрава и посреќна мама за своето бебе.