Ново истражување предлага постоење на планета Y – алтернативен кандидат за деветтата планета, можеби дури и десеттата планета на Сончевиот систем – која би била помала и поблиску до Земјата од хипотетичката планета Икс, по која астрономите трагаат речиси една деценија.
Астрономите веруваат дека пронашле докази за постоење на досега непозната деветта планета што се крие во не така далечните предели на Сончевиот систем. Овој хипотетички свет, наречен планета Y, би можел да биде со големина приближна на Земјата и да постои заедно со планетата Икс, што би го зголемило бројот на планети во нашето космичко соседство на десет – доколку двете бидат потврдени.
Сепак, и покрај тврдењата на истражувачите дека ова ново теоретско тело би можело да биде откриено во наредните три години, засега нема конкретни докази за неговото постоење, а дел од научниците се скептични кон овие наоди.
Потрагата по деветтата планета започнала по откритието на Нептун во 1846 година и привремено завршила во 1930-тите, кога бил откриен Плутон, кој подоцна – во 2006 година – бил „понижен“ на статус на џуџеста планета. Потрагата повторно започнала во 2016 година, кога астрономите од „Калтек“ Мајк Браун и Константин Батигин ја изнесоа хипотезата за „Деветтата планета“. Според нив, необичните орбити на околу десетина големи објекти зад Нептун може да се објаснат со гравитациското влијание на голема, скриена планета.
Ова хипотетичко тело, познато и како планета Икс, најверојатно се наоѓа некаде во Кајперовиот појас – огромен диск од астероиди, комети и џуџести планети (вклучително и Плутон) што орбитираат околу Сонцето надвор од осумте познати планети – но досега успеало да им „избега“ на астрономските телескопи.
Во новото истражување, друга група научници тврди дека пронашла докази за сосема нов кандидат за деветтата планета, кој го нарекле планета Y. Овој хипотетички свет, кој исто така би се наоѓал во Кајперовиот појас, би можел да биде дури двапати поблиску до Земјата од планетата Икс и многу посличен по големина со нашата планета. Неговото можно постоење, како што истакнуваат истражувачите, не ја исклучува теоријата за планетата Икс, пренесува РТС.
Тимот дошол до овој заклучок преку анализа на орбитите на 50 објекти од Кајперовиот појас (KBO) и открил дека тие се навалени за околу 15 степени во однос на рамнината на останатите планети во Сончевиот систем. Единствено објаснување за тој нагиб, тврдат тие, може да биде присуството на скриена планета.
„Се обидовме да најдеме објаснување што не вклучува постоење на планета, но се покажа дека навистина мора да има една таму. Оваа студија не претставува откритие на планета, но дефинитивно открива загатка чиј најверојатен одговор е – планета“, изјави за CNN Ајмир Сираџ, астрофизичар од Принстон и главен автор на студијата.
Според нивните пресметки, тимот смета дека планетата Y најверојатно е каменесто небесно тело со маса меѓу онаа на Меркур и Земјата. Тоа е значително помало од претпоставената маса на планетата Икс, за која се верува дека е гасен џин и може да биде до 10 пати помасивна од Земјата.
Истражувачите исто така претпоставуваат дека планетата Y се наоѓа на оддалеченост од Сонцето меѓу 100 и 200 пати поголема од растојанието меѓу Земјата и Сонцето. Тоа не е многу подалеку од Нептун, кој орбитира околу 30 пати подалеку, и е значително поблиску од планетата Икс, која би требало да биде на околу 400 пати поголема оддалеченост од Земјата.
На тие растојанија, двете планети би одразувале многу малку светлина, што ги прави тешко видливи за директно набљудување. Ако навистина постои, планетата Y би можела да биде навалена до 10 степени во однос на орбиталната рамнина на познатите осум планети – уште еден фактор што би го отежнал нејзиното откривање, велат истражувачите.
Сепак, не се сите согласни со овој нов предлог.
Саманта Лор, астроном од Универзитетот Риџина во Саскачеван и критичар на хипотезата за планетата Икс, изјавила за CNN дека резултатите „не се конечни“, главно поради малата бројка на анализирани објекти во Кајперовиот појас. Патрик Софија Ликавка, астроном од Универзитетот Киндаи во Јапонија, кој се специјализира за објекти од KBO, додал дека планетата Y е „можна“, но дека се потребни дополнителни набљудувања за да се потврди таа можност.
За целосно да се докаже постоењето на планетата Y или планетата Икс, истражувачите ќе мора или да имаат голема среќа и директно да ги набљудуваат тие недофатливи тела, или да пронајдат многу повеќе објекти од KBO што се вклопуваат во забележаните обрасци.
Тоа можеби нема да потрае долго благодарение на новоотворената опсерваторија „Вера С. Рубин“ во Чиле, која почна да го набљудува ноќното небо со најголемата дигитална камера на светот. Многу експерти веруваат дека ова истражување во наредните години ќе открие илјадници нови објекти од Кајперовиот појас, што би можело да овозможи доволно податоци за потврда на овие теории.
„Мислам дека во првите две до три години од мисијата на опсерваторијата сè ќе стане појасно. Ако планетата Y се наоѓа во видното поле на телескопот, ќе биде можно директно да се открие“, рече Сираџ.
Сепак, ако истражувачите во тој временски период не го пронајдат она што го бараат, и двете теории би можеле засекогаш да бидат отфрлени.