ЗАНИМЛИВОСТИ

Сезоната на костени започна: Есенски деликатес – овошје полно со здравје

Мирисот на печен костен на улиците за многумина е симбол на есента. Може да се јаде варен, печен или како пире, а е одличен избор за исхрана на лица кои се алергични на глутен. Освен уживањето во вкусот, со консумирање костени всушност го зајакнувате имунитетот и се штитите од сезонски респираторни инфекции, бидејќи овој плод е богат со растителни влакна, минерали и витамини.

Костени

Како и другите јаткасти плодови, костенот содржи масти, но во многу помала количина, па нема причина за грижа дека ќе се здебелите.
Според нутриционистите, здрава количина костени што може да се изедат во текот на денот, за да се искористат сите негови позитивни својства, изнесува околу 85 грама.

Костенот содржи витамин C, што го прави посебен меѓу јаткастите плодови. Богат е и со витамини Б1, Б2, Б6 и фолна киселина, па е особено корисен за трудници – за правилен развој на плодот, како и за здравјето на нервниот систем.

Покрај тоа, костенот е богат со магнезиум, па е одличен избор кога ќе почувствувате замор во нозете. Доколку редовно го консумирате во текот на есента, ќе придонесете и за здрави заби и коски, бидејќи содржи калциум, а особено се препорачува на жени во менопауза како превенција од остеопороза.

Костенот ја подобрува и крвната слика кај анемични лица, бидејќи содржи железо, а корисен е и за оние со висок крвен притисок. Благодарение на ниската содржина на натриум и високото ниво на калиум, тој има диуретичко дејство и помага во исфрлање на вишокот течности од организмот.

Богатството со влакна исто така им помага на оние што имаат покачен холестерол – редовното консумирање може да придонесе за негово намалување. Може да се јаде варен, печен или како пире, а е идеален избор за сите кои сакаат вкусна и здрава есенска ужинка без глутен.

Напишете коментар

Back to top button