МАКЕДОНИЈА

Нова студија на Еко-свест: Во Битола најисплатлива алтернатива е загревањето од сонцето

Најновите истражувaња од експерти во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ покажуваат дека воспоставувањето на централно греење зависно од ТЕЦ Битола не е нај исплатливото и најефикасно решение за граѓаните. Студијата којашто ги истражува алтернативите за индивидуално и централно греење за Битолскиот Регион, препорачува поврзување на фотоволтаични системи со инвертер клима уреди за индивидуални куќи и колективни згради коишто ќе овозможат поголеми заштеди на енергија и намалени трошоци за граѓаните.

eko svest 08

Системот за централно греење кој е зависен од ТЕЦ Битола е повеќедецениски проект којшто сè уште не е спроведен заради несоодветно планирање. Анализите од студијата на Еко-свест и мрежата CEE Bankwatch Network сугерираат дека достапноста на нови технологии базирани на обновливи извори го прават овој проект скапа и неисплатлива инвестиција.

„За да ја забрзаме енергетската транзиција и декарбонизацијата, мора да почнеме да имплементираме одржливи практики за домаќинствата преку воспоставување на системи за индивидуално и централно греење базирани на чиста енергија. Ваквите системи веќе се практикуваат во земјите од Европа и стануваат се поатрактивни бидејќи во тоа е иднината доколку сакаме да се стремиме кон независност и одржливост на енергетскиот систем. Сончевиот потенцијал кај нас е огромен и неговото искористување за загревање на домаќинствата претставува важен елемент за декарбонизација на регионите зависни од јаглен“ – потенцира Кристина Димитрова од Еко-свест.

Денес постојат алтернативи од поновите генерации на системи за греење кои се базираат на чиста енергија, а првичните наоди на Вања Џинлев, асистент и истражувач за енергетика при Федералниот институт за технологија во Цирих, препорачуваат искористување на потенцијалите од сончевата енергија за индивидуално и колективно загревање на домаќинствата во Битола.

„Анализата на алтернативите на планираното централно греење во Битола базирано на искористување на капацитетите на РЕК Битола покажува дека постои технолошко-економска исплатливост за употреба на други технологии во домаќинствата што ќе ги задоволат потребите за топлинска енергија. Прелиминарната анализа покажа дека индивидуални инвертер системи во комбинација со фотоволтаични системи, имајќи го во предвид моменталното ограничување на капацитетите на производители-потрошувачи (prosumer) и за физички и правни лица, е најсоодветната и најисплатливата опција за задоволување не само на топлинските потреби во домаќинствата, туку и на електричната енергија“, изјави Вања Џинлев, автор на истражувањето.

Ваквото прво практично применливо истражување од овој тип кое дава алтернативи на постоечките и планирани застарени технологии за загревање на домаќинствата во земјава. Дополнително, ова се решенија што може да се применат и стимулираат на краток рок, а позитивниот ефект врз енергетскиот систем, животната средина и здравјето на луѓето да е долготраен. Локалната и централната власт, доколку се посветени на декарбонизација на економијата и заштеда на енергијата, треба сериозно да ги разгледаат ваквите препораки и забрзано да ги применуваат за да се амортизираат негативните последици од енергетската криза.

На почетокот на ноември ќе биде објавена финалната студија со сите детали и можни сценарија за ваквата трансформација на системите за греење.

Напишете коментар

Back to top button
close