Крстовден е празник на пост и покајание. Овој ден се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос, наречен Чесен Крст, и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст. Воздвижение на Чесниот Крст или Крстовден е значаен христијански празник од есенскиот циклус, еден од 12-те големи празници, којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 14 септември, односно на 27 септември по стариот календар.
На овој ден верните се потсетуваат на распнатиот Богочовек, на Крстот достоен за безусловна верност, и на неизбежното спасение кое доаѓа преку Христовото Распетие и сораспнувањето со Него. За време на празникот, Крстот е положен во центарот на Храмот, окружен со цвеќа и гранчиња босилек.
Црквата празнува два празника поврзани со Чесниот Крст, зимскиот Крстовден или Водокрст (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на Чесниот Крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос.
Овој настан и се припишува на царицата Елена, мајката на славниот цар Константин, основачот на Цариград (Константинопол).
Во чест на овие два настана: наоѓањето на Чесниот Крст и неговото враќање од заробеништво се празнува празникот Воздвижение на Чесниот Крст. По првиот настан празникот се празнувал локално, а по вториот добил општохристијанска димензија. За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.
Македонскиот народ го празнува Крстовден како тежок празник. Тогаш не се работи и се пости „за крст“.
Според народните верувања, на овој ден сите молитви ќе бидат слушнати, а ноќта спроти Крстовден, Господ слегува на земјата и ги исполнува желбите на луѓето.