Задушници се денови во кои, според народните верувања, душите на починатите предци и блиски доаѓаат од оној свет кај своите најблиски, барајќи од нив храна, пијалак, топлина и прочистување (капење).
Во народната традиција постојат две главни задушници – пролетна и есенска, но задушниците поврзани со Духовден се официјално признати од Црквата и со тек на време биле прифатени и од народот.
Ваквата „средба“ со душите на починатите се извршувала на гробовите, со палење свеќи, кадење, полевање вино врз гробот, кршење ореви – како хтоничен плод со кој се повикуваат душите – како и со обредни лепчиња, раздавање храна и ритуален оброк во чест на мртвите.

Светата Православна Црква саботата ја определила како ден за спомен на покојните. Денешната сабота, пак, е означена како општ ден за спомнување на умрените, и се нарекува Митровденска задушница.
Христијаните за овој ден подготвуваат варена пченица, чие зрно симболично означува дека умрените ќе воскреснат – „она што го сееш, не оживува ако не умре“ (1. Кор. 15,36). Потребни се и вино и леб, кои го претставуваат Христос – оној што се принел за спасение на луѓето и уништување на смртта.
Овие елементи се основни при извршување на помен за покојните. За тие спомени, Светата Црква пропишала и посебни молитви што се читаат при самиот помен. Сите чинодејства, вклучувајќи го и поменот, се изведуваат со запалени свеќи, кои симболизираат светлина и вечен блажен живот.
Помените се препорачува да се вршат во сабота, бидејќи тој ден е определен како ден за спомнување на сите мртви – како седмичен помен и молитвен спомен за нивните души.





