МАГАЗИН

The Bodyright – Владeј со своето тело онлајн

Во свет каде што дигиталниот простор сè повеќе ги обликува нашите животи, човечките тела сè уште немаат правна заштита каква што имаат логата, музиката или филмовите. Сајбер насилството е реалност која секојдневно допира илјадници жени, девојки и маргинализирани заедници, од неовластено споделување интимни фотографии, до дипфејкови и онлајн вознемирување. Bodyright е глобално движење кое го крева гласот: нашите тела заслужуваат иста заштита и почит како и секое друго авторско дело.

cover

Овој октомври, на Fashion Weekend Skopje 31, модата ќе стане сцена на отпор, креативност и достоинство. Во рамки на ова издание, ќе биде претставена смела и значајна иницијатива на UNFPA: United Nations Population Fund, која го спојува модниот активизам со одржливоста и човековите права:

bodyright5

Во срцето на проектот е уникатна капсулна колекција создадена од рециклирани материјали, како симбол на обновување и отпор. Зад неа стои познатата македонска дизајнерка Ангела Бикова, во соработка со Карол Фариас од Шпанската асоцијација за одржливост, иновации и циркуларност во модата (SICModa), и со креативна поддршка од Паломa Гарсија Лопез – визионерка и лидерка на Circular Sustainable Fashion Week Madrid и Fashion Revolution Madrid.

Paloma Garcia Lopez

Колекцијата е создадена во дијалог со глобалното движење bodyright, под покровителство на UNFPA, и повикува на почитување, автономија и застапеност на секое тело во дигиталниот простор. Ткаенините стануваат зборови, силуетите стануваат гласови, а пистата се претвора во простор на отпор.

Karol Farias

Проектот се реализира со поддршка на Амбасадата на Шпанија во Република С. Македонија, UNFPA: United Nations Population Fund, Македонското модно здружение и компанијата Ептиса, со цел редефинирање на поимите за убавина, способности и сопственост во дигиталната ера.

bodyright image 1

Модата отсекогаш била огледало на општеството. Но, може ли тоа огледало да стане и алатка за промена? Bodyright одговара со силно да. Преку креативна соработка меѓу Македонија и Шпанија, преку up cycling , иновации и активистички пораки, оваа иницијатива покажува дека модата може да биде повеќе од естетика, таа може да биде акт на дигитална правда.

 

Претставата на пистата ќе се одвива во три чина, секој осветлувајќи различен аспект од борбата за дигитално достоинство и автономија: од угнетување кон ослободување, од молк кон изјава. Тоа е патување низ болката, силата и надежта. Пистата ќе стане платно каде што приказните се сошиени од протест, издржливост и визија за подобар дигитален свет.

Bodyright не е само моден проект, тоа е повик за промена. Повик да го заштитиме дигиталниот интегритет на секое тело, да им дадеме вредност и глас на оние кои премногу често се замолчени.

https://www.unfpa.org/bodyright

Фото: Anidimi

Напишете коментар

Back to top button