Музичката дива Селин Дион, по повод Денот на благодарноста, на социјалните мрежи објави видео-порака во која искрено им се обрати на своите фанови, благодарејќи им за годините поддршка, љубов и разбирање додека се бори со тешката болест што веќе неколку години ѝ го менува животот. Нејзината порака длабоко ги допре илјадниците нејзини обожаватели.
Во новото видео, објавено на Инстаграм, пејачката со импресивен глас и долга кариера се појавува насмеана, во топлата атмосфера на својот дом во Лас Вегас.

Во кратката порака, Селин им се заблагодари на фановите за безусловната љубов и порача дека сè уште верува во оздравување, надевајќи се дека еден ден повторно ќе застане на сцената.
„Захвална сум за секој ден што носи нешто ново. Верувам дека светлината секогаш го наоѓа патот, дури и низ најтешките моменти“, рече пејачката. Видеото за само неколку часа собра стотици илјади лајкови и пораки за поддршка.
На својот профил, каде најчесто споделува архивски фотографии, Дион напиша дека семејството – нејзините три сина и спомените на починатиот сопруг Рене – ѝ се најголема сила во борбата со болеста.
View this post on Instagram
Славната пејачка беше во брак со канадскиот музички продуцент и менаџер од 1994 година, сè до неговата смрт во 2016 година, кога загина од рак на грлото.
Да потсетиме, во декември 2022 година, познатата Канаѓанка јавно откри дека боледува од синдром на вкочанета личност – исклучително редок автоимунолошки невролошки пореметувач кој предизвикува болни мускулни грчеви, спазми и прогресивна вкочанетост на телото. Болеста погодува само една до две лица на еден милион, а медицината засега не познава лек што би го запрел нејзиното напредување. Во потешките фази, спазмите можат да бидат толку силни што пациентите не можат да одат, да зборуваат или да пеат.
По поставувањето на дијагнозата, Селин ја откажа светската турнеја и се повлече од јавноста, посветувајќи се на опоравување и терапии кои ги ублажуваат симптомите, но не можат да го спречат развојот на болеста. И покрај сè, во 2024 година се појави на отворањето на Олимписките игри во Париз, каде со својата изведба повторно го потсети светот на силата и емоцијата што ја направија музичка легенда.
Петкратната добитничка на Греми, иако никогаш нема целосно да се врати во својата стара физичка форма, не ја изгубила надежта ниту вербата во подобрување.
Нејзината порака ги воодушеви сите, а фановите ѝ порачаа дека нејзината храброст и позитивен дух и понатаму се огромна инспирација.





