Летото се ближи кон крај, а кога станува збор за убавина, веќе се зборува за есенските трендови. Еден од омилените производи е маскарата, а еден од најголемите трендови оваа есен ќе бидат впечатливите трепки. Тоа значи дека наместо класичната црна маскара, оваа сезона ќе се носат маскари во топли кафени и бордо нијанси. Освен што ќе додадат доза на боја во вашиот мејкап, овие маскари можат да ја истакнат и бојата на вашите очи. Бордо и кафените маскари се доволно смели за да привлечат внимание, а сепак нежни и женствени за секојдневна употреба.
Бордо маскарата веќе некое време е многу популарна. Маскарата во оваа боја не само што ги нагласува трепките, туку и на суптилен начин ја издвојува бојата на очите. Особено ласкаво изгледа кај зелени и сини очи, додека кај кафени создава нежен контраст и дополнителна топлина. Благодарение на бордо маскарата, ќе добиете поглед кој изгледа посвежо и поотворено.
Кафената маскара, од друга страна, е идеална за сите што сакаат поприроден изглед. Совршено се вклопува во есенските мејкап палети и дава „soft glam“ изглед. Доволно е изразена за на работа, но и елегантен избор за вечерни излегувања.
Како да ја носите бордо и кафената маскара?
Преку ден комбинирајте ја кафената маскара со топли сенки во песочни или златни тонови. За вечер е одличен избор бордо маскарата во комбинација со тенок ајлајнер или светкава сенка. Уште еден трик: нанесете бордо на горните, а кафена на долните трепки за игра на контраст.