ПРАЗНИЦИ

Утре е строг пост: Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител – не се јаде црвена храна

Утре православните верници го одбележуваат празникот „Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител“ – еден од најстрогите денови во црковниот календар.

Јован Крстител со својата беседа ја разобличуваше неправдата и гревовите на својот народ, а особено го укори управителот Ирод Антипа поради неговата незаконита врска со Иродијада, жената на неговиот жив брат. Поради тоа беше затворен, а на една гозба, по барање на ќерката на Иродијада – Саломија, Ирод нареди Јован да биде обезглавен.

Св. Јован Крстител

Така овој голем пророк и претеча на Христос ја заврши својата земна мисија со маченичка смрт, а неговото дело остана како сведоштво за вистината и правдата.

Со векови овој ден се одбележува со строг пост и воздржување. Народната изрека „Денес е строг пост и не се јаде црвено“ е позната и денес – луѓето се воздржуваат од храна што потсетува на пролиената крв на светецот. Иако ваквото правило не е официјално востановено од православната црква, свештениците велат дека тоа е израз на почит и жалост кон Крстителот.

Многу поважно од храната, според црквата, е верниците да се воздржат од лоши мисли, страсти и дела. Постот не е само воздржување од јадење, туку пред сè духовна борба – начин да се издигне човекот и да се негува верата.

Празникот се смета за тежок поради неправдата која му се случила на светиот Јован – пророк, претеча и Крстител на Исус Христос. Затоа верниците овој ден го поминуваат во молитва, пост и смиреност, потсетувајќи се на неговата голема жртва и значење за христијанството.

Напишете коментар

Back to top button