КУЛТУРА

Камерниот оркестар Профундис ја освои Босна и Херцеговина со уникатната Candlelight турнеја!

Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ со голем успех ја реализира својата прва Candlelight турнеја во Босна и Херцеговина, настапувајќи во три преполни концертни сали во Сараево, Тузла и Мостар. Секоја вечер, илјадници свеќи создаваа волшебна атмосфера, а музиката на „Профундис“ предизвикуваше бурни аплаузи, стоечки овации и искрени емоции кај публиката.

Candlelight 2025 9

Candlelight концертите, кои се одржуваат во над 170 градови низ светот, претставуваат вистински глобален феномен: музика изведена во уникатен амбиент, каде класиката добива нова димензија во светлината на стотици свеќи. Турнејата започна во Домот на младите „Скендерија“ во Сараево (4 септември), продолжи во Босанскиот културен центар во Тузла (5 септември), а заврши во Хрватскиот дом „Херцег Стјепан Косача“ во Мостар (7 септември).

Оваа турнеја го донесе во центарот на вниманието настапот на светски реномираната виолинистка Ирина Мурезану, уметница која плени со својот извонреден талент и исклучителна музикалност. Родена во Романија, Мурезану е добитничка на престижни награди од натпреварите Queen Elisabeth, Montreal International, UNISA и Schadt, а нејзината концертна кариера ја водела на сцени како Carnegie Hall, Kennedy Center, Salle Gaveau, Wigmore Hall и многу други. Таа редовно настапува како солистка со врвни оркестри низ светот, а воедно е и професорка на Универзитетот во Бостон. Со својот топол тон и виртуозна техника, Мурезану уште еднаш покажа зошто важи за еден од најистакнатите уметници на својата генерација.

Candlelight 2025 38

Програмата на концертите беше внимателно избрана за да понуди разновидно и богато музичко доживување. Публиката уживаше во безвременската убавина на „Четирите годишни времиња“ на Вивалди, потоа во енергичната и колоритна „Романска рапсодија“ на Жорж Енеску, како и во елегантната и игрива „St. Paul Suite“ на Густав Холст. Овој спој на барок, романтична страст и англиска суптилност создаде вистинска симфонија на емоции, особено збогатена со волшебното опкружување на илјадниците свеќи.

– „За нас оваа турнеја е огромна чест и посебно искуство. Да настапуваме во Босна и Херцеговина, во рамки на глобалниот проект Candlelight, и да ја споделиме нашата енергија со оваа прекрасна публика, е момент кој ќе го паметиме,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ.

„Профундис“ е еден од најистакнатите македонски камерни оркестри, составен од врвни виолинисти, виолисти и виолончелисти, кои веќе повеќе од шест години создаваат концерти што ја освојуваат регионалната публика и критика.

Напишете коментар

Back to top button