Turlitava.com

Втор концерт на Стефани Барбутова & „The Upper Room“: Госпел музиката се враќа на голема врата

Откако уживаше огромна популарност во минатиот век, сега госпел музиката се враќа на голема врата. Се’ повеќе музичари и изведувачи го наоѓаат својот глас токму во госпелот и духовните пораки полни надеж и верба, кои ги испраќаат преку песните. А најдобриот начин да ја доживеете и искусите одблизу госпел музиката е преку концертот на Стефани Барбутова, кој ќе се одржи на 30.03.2025 во домот на Македонската Филхармонија.

Македонската пејачка на госпел и современа духовна музика Стефани Барбутова ќе го одржи нејзиниот втор концерт под уникатниот концепт „The Upper Room“.

Раните почетоци на Госпел музиката датираат од крајот на 17ти и почетокот на 18ти век, кога таа била употребувана најчесто од робовите (за време на робовладетелската епоха во САД) во 18ти век додека работеле на плантажите со цел да го подигнат моралот, но исто така и да најдат прибежиште од болката и страдањето поради робувањето. Она што го оформило овој музички жанр е фактот дека наместо овие луѓе да пејат страдалнички и тажни песни, тие решиле да најдат утеха за нивната мака во Бога, и да го воспеваат него со нивната музика.

Денес Госпел музиката е распространета низ целиот свет, и се практикува на редовните неделни богослужби, но е дел од репертоарот и на врвните Госпел артисти и изведувачи ширум светот. Kirk Franklin, Cece Winans, Israel Houghton се само дел од имињата кои многу успешно го претставуваат овој музички стил во светот и постојано добиваат признанија и награди од критичката фела.

Но, имаме и ние наша ѕвезда! Стефани Барбутова е артист кој преку госпел музиката успева да ја оствари својата визија и да ја пренесе на слушателите емоцијата која таа ја чувствува за вечното и духовното. Нејзиниот концепт „The Upper Room“ обединува поголем број на локални и интернационални госпел музичари, како и хор, кој ја претвора оваа изведба во вистинско духовно и сензорно уживање.

На 30 март Македонската Филхармонија ќе пее со гласот на надежта и добрата волја. Вториот госпел концерт на Стефани Барбутова „The Upper Room“ ќе биде отворен за сите оние кои сакаат да уживаат во фантастичната изведба на веќе популарни, но и оригинални песни од Македонија и различни делови на светот, со една цел: да се пее песна за слава на Бог!

Exit mobile version