Turlitava.com

Во недела започнува Фестивалот на џез, ворлд и современа музика во Велес

На Велес му претстои возбудлив период! Првото издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика ќе се одржи од 4-ти до 10-ти септември на неколку локации низ Велес, а публиката ќе може да проследи уникатни настапи на македонски артисти од различни жанрови и уметнички сфери.

Фестивалот започнува во недела 4 септември на Спомен Костурницата во Велес, со концерт на Енес Беговски на хенг драм, потоа следи театарско музичкиот перформанс „Чекална 4” во кој учествуваат Фаик Мефаилоски, Сашко Костов, Славчо Коцев, Андреа Мирческа и Петар Христов. Вечерта ќе ја заокружи настапот на дарк фолк музичкиот состав „Перија”. Програмата на 4 септември е бесплатна и започнува од 20:00 часот.

Во претстојните денови концерти и арт перформанси ќе имаат и: Сашко Костов, „Такси Конзиулиум”, Дина Јашари и другари, „Летечки Пекинезери”, “Едит Поинтс”, „Бопхедс”, Шамба и Театар „Сенки и облаци“. Домаќини ќе бидат Градска Пивница „Паб” и Театар Ј.Х.К Џинот Велес. Деталната програма се наоѓа на следниот линк.

Велешката публика важи за една од најерудираните кај нас, будно ги следи културните случувања и не испушта претстава во театар. Убедени сме дека овој фестивал ќе ѝ понуди едно поинакво уживање и ќе прерасне во традиција.

„Фестивалот на џез, ворлд и современа музика го создадовме тргнувајќи од фактот дека на Велес му недостигаат настани со поразлична уметничка вредност, случувања кои со задоволство би ги посетувале самите ние. Сфативме дека не може само да сме жедни за културно квалитетна програма, тука дека треба самите да преземеме нешто. Идејата беше да направиме фестивал на кој би била пласирана квалитетна оригинална музика и да вклучиме и други видови уметност (видеопроекции, театарски перформанс, проекции на масло и вода). Главни виновници се Борче Пејчев, Славчо Коцев, Сашко Костов, Фаик Мефаилоски и многу драги пријатели кои помогнаа во организацијата на самиот фестивал.” Изјавуваат од „Арт Генератор” кои се организатори на фестивалот.

Главен покровител на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика е Општина Велес.

Exit mobile version