Turlitava.com

Вашингтон испрати јасна порака до Белград и Приштина

Соединетите Американски Држави ги повикаа Белград и Приштина да го продолжат дијалогот откако средбата меѓу двете страни во четвртокот во Брисел заврши без резултати, јавува Гласот на Америка.
Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот, на прес-конференција рече дека Вашингтон внимателно ја следи ситуацијата.

„Колку што знаеме, разговорите продолжуваат. Ние, во партнерство со ЕУ, внимателно го следиме ова и ги охрабруваме двете страни ефективно да го користат дијалогот и предлагаме да го продолжат“, рече Прајс.

Претставникот на Стејт департментот прецизираше дека Вашингтон целосно го поддржува дијалогот, наведувајќи дека е неопходно да се унапреди дискусијата за нормализација на односите врз основа на претпоставката за меѓусебно признавање.

Прајс рече и дека специјалниот известувач на американската администрација за Балканот, Габриел Ескобар, заедно со американскиот амбасадор во Европската унија, Марк Гитенштајн, внимателно ги следат разговорите меѓу Приштина и Белград.

„Ве уверувам дека дијалогот го има целосното внимание на американските претставници. Ова е прашање со кое самиот секретар Блинкен се занимава долго време. Ова е приоритет кој ја опфаќа целата наша организација, и на терен и во САД“, рече Прајс.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Јосеп Борељ претходно изјави дека двете страни не постигнале договор во врска со регистарските таблички и документите за влез и излез.

Тој, сепак, посочи дека преговарачите Албин Курти и Александар Вучиќ се договориле разговорите да продолжат и во наредните денови.

Exit mobile version