Советот на Европската унија денеска едногласно ја усвои одлуката кршењето на рестриктивните мерки против Русија да се третира како кривично дело на ЕУ. Овие злосторства се вклучени во Договорот за функционирање на ЕУ, а целта е да се спречат обидите за заобиколување на санкциите.
Павел Блажек, чешкиот министер за правда и претседавач со Советот на ЕУ, во таа прилика рече дека ЕУ усвои многу санкции против Русија „за да ја таргетира руската економија и да ја спречи нејзината способност да продолжи со агресијата“ против Украина.
За да успеат санкциите, вели чешкиот министер, „за нивна имплементација е потребен заеднички напор, а денешната одлука е суштинско средство за да се осигура дека ќе биде запрен секој обид за заобиколување на овие мерки“, соопшти ЕУ.
ЕУ смета дека е од „суштинско значење овие мерки целосно да се спроведат“.
Советот на ЕУ објаснува дека во моментов земјите-членки имаат различни дефиниции за тоа што претставува повреда на рестриктивните мерки и кои казни треба да се применат во случај на повреда, што може да доведе до различен степен на спроведување на санкциите и ризик од нивно заобиколување.
Како следен чекор, Европската комисија ќе претстави предлог за директива која содржи минимални правила во однос на дефинирањето на кривичните дела и казни за прекршување на рестриктивните мерки на ЕУ. Овој нацрт потоа ќе треба да биде разгледан и усвоен од Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
Договорот за функционирање на ЕУ ги наведува тероризмот, трговијата со луѓе и сексуалната експлоатација на жени и деца, нелегалната трговија со дрога, нелегалната трговија со оружје, перењето пари, корупцијата, фалсификувањето на платежни средства, компјутерскиот криминал и организираниот криминал како кривични дела.
Европската комисија на 25 мај поднесе предлог за одлука за проширување на листата на кривични дела и за прекршување на рестриктивните мерки донесени од ЕУ.