Финската влада подготвува договор што ќе им овозможи на Соединетите Американски Држави да распоредат своја војска во таа скандинавска земја, пишува весникот „Хелсингин саномат“, повикувајќи се на шефот на политичкиот оддел на финското Министерство за надворешни работи, Микаел Антел.
Како што се наведува во написот, финските власти моментално работат на нацрт-документ во одбранбената сфера кој, доколку биде усвоен, ќе им овозможи на вооружените сили на САД да ја користат територијата на Финска и нејзините воени капацитети. Беше прецизирано дека, пред се, се работи за обука на персонал и складирање на оружје и материјално-технички средства.
Се нагласува дека САД склучиле слични договори и со други членки на НАТО.
Финска беше официјално примена во НАТО на 4 април како 31-ва членка на Алијансата. Во таа насока, Москва најави дека безбедносната ситуација во Северна Европа „радикално ќе се промени“.