Културните подвизи се секогаш дел од мостот кон зачувувањето на идентитетот, а љубовта кон македонската музика и поддршката на македонските автори е еден од главните столбови од тој културен мост.
Годинешното издание на една од најпознатите културни фестивалски манифестации во државата, Златни денови Кратово 2023 доживеа уникатен завршеток, со најголема посетеност досега.
Миксот на народна и забавна музика, ги шармираше присутните кратовчани и посетители на овој настан, кои во еден глас ги пееја со изведувачите најпознатите македонски хитови, омилени и кај помладите и постарите генерации.
„Златните денови Кратово 2023, со богатата музичка програма и настапот на најпознатите музички имиња од македонската естрада, е настан на годината, не само во Кратово, туку и пошироко. Наше Кратово е доследен домаќин на сериозен настан, на кој може да позавидат и големите и побогати градови. Заложбите и посветеноста на мене како градоначалник, мојата екипа и неколку ентузијасти, се исплатеа и донесоа радост и задоволство на многу луѓе. Преполниот плоштад, улички, локали и сместувачки капацитети, говореа за илјадниците посетители од целата држава и пошироко. Спектакуларните настапи на сите изведувачи, Кратовските тамбураши, распеаните и разиграни Мераклии од Мерак меана и Скопски Боеми, Браќа Нуне, Драган Темелков-Џони, сензационалните Ламбе Алабаковски и Некст Тајм, како и енергичните изведби на фантастичните Нокаут, Суперхикс, Д’фендерс, направија Кратово да биде голема музичка арена, исполнета со радост и задоволство. Голема благодарност до сите кои беа вклучени во подготовките и реализацијата на овој настан,“ изјави Тодорче Николовски, Градоначалник на Општина Кратово.
И музичките ѕвезди и сите присутни на Златни денови Кратово 2023, докажаа дека македонската музика се чува и споделува заедно.
Присутните беа почестени со разновидна палета на изведби, коишто го славеа уникатниот спој на традиционални и современи звуци.
Македонската приказна ова лето во Кратово, дефинитивно придонесе атмосферата и споделените моменти помеѓу музичките изведувачи и публиката во изминатиот викенд, навистина да се познати како денови за паметење.