Turlitava.com

Заврши 3-от менторски форум за млади лидери од Општина Битола

Во Општина Битола беше одржан третиот од петте менторски форуми во рамки на проектот Зен 2.0 Караван, организиран од Здружението Икуалити. На форумот учество земаа учесници на возраст од 16 до 24 години од Битола, а меѓу пријавените учесници имаше млади од општинските средни и државни високо-образовни институции: 17% на возраст од 17 години, 33% на возраст од 20 години, и 50% на возраст од 24 години.

Во Младинскиот центар во Битола, на 31 мај 2024 година, 4 учесници земаа учество во менторските обуки за јавно себепрезентирање, техники за самозастапување и ментално и физичко здравје, по што продолжуваат да ја зајакнуваат групната динамика низ процесот на поттикнување на решение на локално прашање кое е од интерес пред сé за младите, а потоа и за сите останати граѓани на Општина Битола.

Младите на Форумот најпрво ги проследија следните менторски обуки: „Јавен настап и креативно себепрезентирање“ за унапредување на индивидуалните комуникациски вештини, обуката „Како до успешно индивидуално и групно застапување“ успешно самозастапување пред различни институции и тела во рамки на правниот поредок во земјата, но и на меѓународно ниво и третата обука насловена „Физички и ментален имунитет“ посветена на техники и методи за одржување на стабилен имунитет на физичко и писхичко ниво.

Младите учесници од Општина Битола покажаа голем ентузијазам и желба за делување кон позитивни општествени промени и во наредниот период ќе се насочат кон избирање на предизвик и решенија во Општина Битола.

По успешниот форум во Општина Битола, Зен 2.0 Караванот продолжува со подготовките за делување во Општина Куманово и Општина Струмица и понатаму иницирајќи соработка со организации кои работат во областа на младински прашања, како и со локалните власти со цел остварување на предложените решенија.

Повикот за  млади лица – учесници од Општина Куманово ќе биде објавен во почеток на месец септември 2024 година.

Exit mobile version