Turlitava.com

Во еко-акцијата на Мен енд Маунтен заедно со Пивара Скопје и Пакомак собрани над 252 тони отпад

Во рамките на еколошката акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2023, што од 12 до 14 мај по трет пат се спроведе во 51 општина и повеќе од 300 училишта и градинки низ државата, се собрани рекордни 252 тони отпад. Во акцијата се исчистени повеќе од 304 локации, со учество на 15.811 волонтери, што покажува дека бројот на учесници е речиси двојно зголемен во споредба со минатата година. ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД се потврди како најмасовната еко-акција во нашата земја, што дополнително ја истакнува потребата од одговорни практики за отстранување на отпадот и важноста на селектирањето на отпадот во борбата против загадувањето.

Според резултатите секој волонтер во просек собрал по 16 килограми отпад.

„Горди сме што по трет пат стоиме позади ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, заедно со нашите стратешки партнери, која во целост ги поддржува заложбите на Пивара Скопје – да ја изградиме нашата земја како место без отпад, што е во согласност со нашата глобална платформа – Свет без отпад до 2030“, изјави Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, потенцирајќи дека постигнатите резултати ги надминале сите очекувања.

„Позитивните постигнувања од ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, од година во година, укажуваат на растечкиот тренд на еколошка свест во земјава, особено кај помладата популација. Во име на Пивара Скопје, би сакал да им се заблагодарам на големиот број на волонтери кои лично се вложија да придонесат во оваа иницијатива,“ додава Митрев.

„Податоците од собраниот и селектириран отпад го покажуваат токму она што сакаме јасно да се види: од вкупно 252 тони, само 55.5 тони завршија на депонија, а се останато има употребна вредност и се искористи како потенцијална секундарна суровина“ – истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, соопштувајќи ги резултатите од пролетната еко-акција.

Упатувајќи им честитки на организаторите, партнерите и на сите учесници во акцијата таа нагласи дека Генералка викенд е одличен пример како со иновативен пристап, креативност и волја да се собира, селектира и рециклира ѓубрето од минатото, може да се гради зелена иднина.

“Очекувам дека навиките кон отпадот ќе станат дел од нашето секојдневно однесување, бидејќи секој отпад не е ѓубре, најголемиот дел е потенцијален ресурс и затоа е важно да селектираме и му дадеме можност за повторна реупотреба“, додаде таа.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство повторно ја поддржува еколошката акција, така што за секои 10 кг собран отпад ќе биде посадено по едно дрво наесен, со што се дава придонес во создавањето нов живот. Согласно постигнатите резултати од пролетниот дел од ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, ќе бидат засадени околу 25.000 дрвја.

„Почитувањето на зелените принципи, е клучно за постигнување на амбициозната цел за климатско неутрална Европа. Токму затоа, во 2023 ставивме фокус на зелената транзиција преку проектите во шумарството. Минатата година засадивме 400.000 садници, од кои 40.000 садници ги посветивме на акцијата „Сончева Гора“ и заедно пошумивме две локации, во Петровец и во Велес. И оваа година ја продолжуваме нашата соработка, за секои 10 килограми отпад ние ќе посветиме по едно дрво. Ова значи дека за собраните 250.000 килограми отпад ние ќе посветиме 25.000 дрвја и оваа есен повторно ќе подигнеме нова шума, нова Сончева Гора“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Раководителката на маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка АД Скопје Катарина Штерјовска-Раца, истакна дека: „Климатските промени повеќе не се проекција сместена во иднината, туку станаа реалност во кое човештвото живее и со кои последици мора да се носи. Одржливо работење е наша секојдневна заложба и перспектива за иднината! Ние во Шпаркасе Банка веруваме во подобра иднина за сите, во подобра иднина за генерациите кои доаѓаат.”

За собраниот отпад во текот на акцијата се погрижија локалните комунални претпријатија, Пакомак и Нула Отпад, а на сите локации беа присутни и тимови од Црвен Крст кои се грижеа за безбедноста на волонтерите.

Целокупната неопходна инфраструктура за собирање, селекција и соодветен третман на отпадот ја обезбеди Пакомак.

„Особено нѐ радува фактот што акцијата ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД премина во традиција и секоја година имаме сѐ повеќе и повеќе учесници и повеќе и повеќе собран отпад. Пакомак ја подржува оваа акција уште од самиот почеток, а треба да се напомене и фактот дека инспирација за ова што се случува денес се акциите што Пакомак ги организираше со подршка на Пивара Скопје уште пред 7 години,” рече на денешната презентација на резултатите од акцијата Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.

Билјана Костадинова, претставник од Нула Отпад истакна: „Нула Отпад оваа година е дел од најмасовната и најинклузивната акција за чистење на отпад кај нас со цел подигнување на јавната свест за правилна селекција на електронскиот отпад и отпадните батерии и акумулатори преку поставување на инфраструктура од контејнери за овој вид на отпад во сите вклучени општини како и промоција на Еко Линијата 070 236 000 како достапен сервис за бесплатно подигнување на старата електроника од домовите на граѓаните и правните лица. Овој проект е доказ дека заедништвото ни дава моќ и можност отпадот да го претвориме во зелена иднина.“

Главните иницијатори и организатори на еко-акцијата ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, Гордана Софија и Ханес Јекл од организацијата „Мен енд Маунтен“, изразија благодарност до секој учесник на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2023 истакнувајќи: „Пред три години се започна со идејата како би било ако секој излезе и ја исчисти својата земја за да ја направи подобро место за сите сега и за идните генерации. Оттогаш секоја година се повеќе луѓе, компании и институции почнаа да веруваат во истата идеја. Но, на крајот останува само идеја и само заедно можеме да ја оствариме.“

Eко-акцијата ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е планирано да се повторува секоја година сѐ до 2031, со цел да се исчисти целата земја од отпад и да се имплементира одржлив систем за селектирање и менаџирање на отпад.

ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е годишна еколошка иницијатива посветена на поттикнување на еколошката свест, одговорно управување со отпадот и одржливи практики во земјава. Преку заеднички напори, таа има за цел да создаде почиста и позелена иднина за земјата и нејзините граѓани.

 

 

 

 

 

 

 

Exit mobile version