Turlitava.com

Влахо – најстара неолитска населба откриена досега во земјава

Археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија е досега најстара откриена неолитска населба во Македонија, потврдило лабораториското датирање, соопшти Центарот за истражување на предисторијата. Датирана во 64-от век пред новата ера, таа е основана дури 300 години пред останатите во овој регион, што воедно претставува и еден од најраните неолитски локалитети во Европа.

Освен неговото екслузивно датирање, локалитетот Влахо е специфичен и по присуството на десетина ровови и објекти, што беше регистрирано со геофизичкото скенирање на неговиот простор, велат од Центарот за истражување на предисторијата. Археолошкото истражување на локалитетот го потврди постоењето на овие ровови, како и богатата стратиграфија сочинета од ранонеолитски слоеви во кои има остатоци од куќи од лепеж, белосликана керамика, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи и алатки. Археоботаничките и археолошките анализи укажуваат на конзумирање храна од пченица, јачмен, леќа, грашок, јаболки, капини, говеда, овци, кози и свињи, и тоа уште во самите почетоци на овој особено значаен локалитет.

Резултатите добиени од мултидисциплинарното истражување на Влахо кај Живојно се публикувани во списанитето Патримониум, а уште неколку научни труда се дадени во печат во еминентни светски издавачки куќи. Целта на авторите беше овие извонредни сознанија екслузивно да бидат објавени пред македонската јавност и археолошката фела, после што следи и нивно скорешно публикување во неколку европски и американски списанија. Новите откритија за овој локалитет беа презентирани на меѓународниот собир на Европската асоцијација на археолозите во Будимпешта, како и на предавања во Рим и Берлин, така што археолошката заедница ја препозна специфичноста на оваа неолитска населба и го подржува нејзиното натамошно афирмирање. На тој начин овој археолошки локалитет постепено го добива своето заслужено место во академскиот свет, што ќе придонесе и за негово подобро презентирање пред пошироката јавност.

Археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно се истражува веќе неколку години во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, при што се вклучени и стручњаци од Универзитетот од Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Завод и музеј – Прилеп, Институтот за старословенска култура, Археолошкиот музеј на Македонија и студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Гоце Делчев“. Различни сегменти од овие обемни мултидисциплинарни истражувања се подржани од германската Фондација за истражување и заштита на тумбите, Универзитетот во Базел, македонското Министерство за култура, шпанскиот Национален совет за наука, Фондот Западен Балкан и Европската Унија.

Exit mobile version