Turlitava.com

Најавена 7. годишна регионална конференција за е-трговија во Македонија

Под мотото „E-commerce: Untangling Potential“ на 12 ноември во Националната опера и балет во Скопје ќе се одржи седмата по ред годишна конференција за е-трговија, која веќе трета година има регионален карактер и која е во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ.

Оваа година, конференцијата ќе се фокусира на аспектите во е-трговијата каде е достигнат потенцијалот, но и на оние каде сè уште треба да се работи за да може да се искористат во целост. Ќе бидат опфатени теми како испорака и логистика, нови можности за е-плаќање, маркетинг за е-трговија со користење на податоци и вештачка интелигенција, како и прекуграничен и меѓународен раст на бизнисите со е-трговија.

Организаторите, како и претходните години, најавуваат висококвалитетна програма исполнета со бројни истакнати меѓународни и домашни говорници, а за време на регионалната конференција ќе се презентираат клучните сознанија од анализата на е-трговијата во Западен Балкан.

За да се утврди каде е постигнат напредок и каде постојат предизвици во е-трговијата, АЕТМ работи на изработка на 6-то издание на анализата на е-трговија за 2024 година. Претходните три изданија покажаа дека иако е-трговијата бележи значителен пораст, овој раст не е доволен за да се достигне нивото на развиените земји. Пазарите од Западен Балкан се мали, но заедно имаат потенцијал да создадат поголем пазар и можност за раст. Новото издание на извештајот ќе се фокусира на растот и развојот на е-трговијата во земјите од Западен Балкан, со посебен акцент на прекуграничната трговија и нејзините предизвици, особено во областите на плаќање и логистика. Овие предизвици се клучни за функционирање на синџирот на е-трговија и нивното надминување е од суштинско значење за отворање на нови можности за поголем заеднички пазар и напредок на е-трговијата.

– „Конференцијата за е-трговија прерасна во препознатлив регионален настан за е-трговија кој секоја година со интересни и актуелни теми и содржини привлекува над 600 учесници. Темата секоја година е инспирирана од случувањата и актуелната состојба, па така оваа година носи наслов “E-commerce: Untangling Potential”. Екосистемот на е-трговија е исклучително комплексен, а успехот зависен од многу различни процеси и гранки. Свеста за тоа дека е-трговијата носи огромен потенцијал за развој на бизнисите и економиите е веќе изградена. Од почетоците на Асоцијацијата за е-трговија работевме на кревање на свеста и креирање клима за тој потенцијал побрзо да се отклучи. Може да кажеме дека потенцијалот се повеќе го гледаат компаниите кои се вклучуваат и инвестираат во решенија поврзани за е-трговија. Од регионална експанзија на маркетплејс платформи, фулфилмент центри и маркетинг решенија до влез на интернационални играчи на регионалниот пазар. На овогодинешната конференција ќе разговараме за сите засегнати аспекти и за тоа каде и колку потенцијалот е ‘отплеткан’, а каде е се уште ‘заплеткан’ и што треба да се преземе за побрз раст и подем. Како и секоја година, и оваа година ќе понудиме квалитетна програма, одлични говорници, networking и забавни содржини.“ – изјави Нина Ангеловска-Станков, претседателка на АЕТМ.

За големиот интерес за настанот говори и распродажбата на Super Early Bird картите фактот што на само два дена по пуштање во продажба на билетите речиси 100 учесници веќе го резервираа своето место, а во моментов се пуштени во продажба „Early Bird“ картите за присуство на конференцијата кои се во ограничен број, по специјална цена од 149 евра.

Минатата година конференцијата се одржа во своето најголемо регионално издание, со целосно нов концепт и нова локација, и истата беше домаќин на повеќе од 600 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции од земјата и од регионот, а свои презентации имаа 30 говорници од 10 земји.

Повеќе информации за говорниците, агендата и сите останати детали поврзани со конференцијата следуваат наскоро, а ќе бидат континуирано ажурирани и достапни на: https://ecommerceconference.mk/

Exit mobile version