Turlitava.com

Мапа на погодни локации за обновливи извори: Има доволно за енергија без да се нарушува природата и производството на храна

Во Македонија има доволно камењари и неплодни земјишта без поголема вредност за природата и живиот свет на кои може да се инсталираат соларни панели и ветерници доволни да произведат електрична енергија со која може да се задоволи и двојно поголема потреба за струја од сегашната.

Ова е заклучокот од обемното истражување кое тимот од Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ во партнерство со Еко-свест и глобалната организација The Nature Conservancy го презентираше на вториот состанок на Советодавното тело за паметно енергетско планирање на кој присуствуваа и претставници на енергетските компании, релевантните министерства, финансиските институции и умиверзитетите.

Истражувачите користејќи податоци од катастарот, детални мапи за екосистемите, мапи за сончевото зрачење и движењето на ветровите изработија мапа која прецизно ги лоцира местата кои се погодни за изградба на фотоволтаични и ветерни централи во целата држава. Притоа, основен критериум во ова мапирање беше да се исклучат сите заштитени подрачја и сите подрачја важни за биодиверзитетот, целото плодно обработливо земјоделско земјиште, локациите на кои се издадени концесии за експлоатација на минерални суровини и локациите на кои веќе се поставени или е одобрено поставување на обновливи извори на енергија. Резултатите укажуваат дека во земјата има доволно површини за нови обновливи извори на енергија без притоа воопшто да има потреба се жртвува ниту плодно земјиште, ниту подрачја кои се важни за природната разновидност или реките.

 

„Целта беше да се докаже дека има доволно простор и подрачја каде може да се инвестира без конфликт со природата и без загрозување на производството на храна“ рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Александар Дединец од истражувачкиот тим на МАНУ кој ги презентираше наодите, посочи дека проценетото производство на електрична енергија на овие локации може да задоволи и повеќе од двојно поголема побарувачка за енергија од моменталната.

Дединец и Чоловиќ- Лешоска сметаат дека мапата на погодни локации за соларни и ветерни централи може да биде голем придонес во процесот на енергетското планирање и државното вложување во инфраструктурата, но и значаен патоказ за инвеститорите.

„Во иднина ако зборуваме за стратешки проекти во доменот на обновливи, тие би требало да бидат предмет на проценка согласно методологија со која тој проект ќе се гради на најповолната локација, а не на некои локации кои може да бидат спорни. Ова би било една од доадените вредности на истражувањето кое ќе помогне при изборот каде да се градат тие стратешки проекти“, изјави Дединец.

Учесниците на состанокот дадоа и предози за натамошни насоки како да се развива истражувањето и како се користат наодите.

Истражувањето е изработено во рамки на соработката на Еко-свест со The Nature Conservancy и МАНУ.  Дел од оваа соработка е и основањето на Советодавното тело и експертска работна група, спроведување на фокус групи и анкета на репрезентативен примерок, како и серија консултации со релевантни чинители во секторот, Еко-свест изготви Принципи и препораки за паметно енергетско планирање.

МАНУ пак, досега изработи Студија за користење на рудници и други браунфилд локации, односно за паметно позиционирање на проектите врз деградирани земјишта. Со првата фаза на проектот се идентификуваа 650 MW капацитет за овие проекти.

Exit mobile version