Turlitava.com

Извештај во сенка за поглавје 27: Значаен напредок во усогласувањето на законодавството за животна средина, но недоволно спроведување

Во рамките на проектот „Анализа на напредокот на усогласеноста на националното законодавство со европското законодавство за животна средина и спроведувањето во Република Северна Македонија“, Центарот за климатски промени подготви “Извештај во сенка за Поглавје 27 -животна средина и климатски промени”, поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

– Оваа година Извештајот во сенка го анализира напредокот во усогласувањето со законодавството, спроведувањето на законодавството, но ги анализира и состојбите во 3 нови под-поглавја и тоа хемикалии, бучава и цивилна заштита, а е подготовен во рамките на Платформа 27, вели Бојана Станојевска Пецуровска, претседателката на Центарот за климатски промени.

Таа додава дека анализата спроведена за потребите на овој Извештај нотира значаен напредок во однос на усогласувањето на законодавството за животна средина и климатски промени со европското законодавство во однос на минатата година, но неговото спроведување останува недоволно, капацитетите и човечките ресурси остануваат слаби и недоволни додека пак државата се соочува со бројна, но неефикасна администрација на која и недостига соодветна координација, стручни и квалификувани кадри и силна интерсекторска соработка.

За сето тоа потребни се долгорочни инвестициони мерки соодветно координирани и анализирани од релевантните институции.

– Особен напредок е забележан во областа на инспекцискиот надзор, а на почетокот на оваа година од страна на стручната јавност во областа на кривичното право беше промовиран новиот Кривичен законик каде што одредени дела во животна средина се најдоа на листата на казнени дела а беше воведена и нова категорија: Екоцид со која се усогласува националното законодавство со Директивата за криминал во животна средина. Сепак финансирањето е недоволно, потребни се големи инвестиции особено во процесите за праведна транзиција, трансформација на технолошките процеси, заштита на природата, управувањето со отпад и отпадни води, снабдување со вода за пиење, реновирање на старите и дотраени објекти вклучително и промена на начинот на греење, истакна Станојевска Пецуровска.

Исто така според неа особено значајно е тоа што беше променет и Законот за животна средина, па така беа усвоени одредбите со кои се дефинираат контаминираните подрачја, се воспоставува правен основ за донесување на методологија за идентификување на контаминирани подрачја, се уредува планот за управување со контаминирано подрачје, се доуредува практичниот дел од испитот за постапување со средства за ладење и/или производи кои содржат средства за ладење, се менува надоместокот што се плаќа за добивање на дозвола за увоз на протектирани или употребувани гуми, надоместоците за моторни возила и пловни објекти а се доуредува и делот за финансирање во животната средина.

Се очекува Законот за контрола на индустриски емсии да биде усвоен набрзо, а Законот за климатска акција да биде поставен на ЕНЕР за понатамошни коментари и финално усвојување.

-Во ноември, Собранието го усвои предлог Законот за заем за финансирање на 3 депонии за регионално управување со отпад, со што се овозможува обезбедување финансии но и отпочнување на изградбата на санитарни депонии за 5 региони, а напредок е направен и во поглед на иницирање на работни средби од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за Предлог Законот за контрола на индустриски емисии и Предлог Законот за климатска акција, два закони кои се потполно нови и кои треба да го подобрат транспонирањето на ЕУ законодавството за индустриски емисии и климатска акција, додава таа.

Според Христина Оџаклиеска, заменичката министерка за животна средина и просторно планирање, Поглавјето 27 е едно од најобемните и најкомплексни поглавја кое бара многу вложувања, ангажирање и консолидирање на сите општествени чинители во општестовото. Спроведувањето на истото бара сериозни промени не само во областа на животната средина и климатските промени, туку и во останатите сектори, институции и поглавја.

– Сите препораки упатени кон органите надлежни за подготовка и спроведување на политиките од областа на животната средина се секогаш добродојдени, особено кога истите се објективни и се темелат на мислење од повеќе организации. Дадените препораки и заклучоци во извештајот се поттик за понатамошно подобрување на спроведувањето на законодоавството како и зголемување на соработката со невладиониот сектор, кое не води кон една заедничка цел, а тоа е подобро и поздраво општество за сите. Пред Република Северна Македонија претстои многу обемна и комплексна работа која бара сериозни промени и носење сериозни одлуки на патот кон ЕУ, кои не секогаш ќе бидат посакувани и лесно прифатливи, додава Оџаклиеска.

Платформа 27 е неформална мрежа на граѓански организации кои работат на полето на заштита и унапредување на животна средина, која се формираше во 2020 година во рамките на проектот Граѓанска платформа за следење на преговорите со ЕУ за Поглавје 27 и беше финансиран преку Цивика Мобилитас програмата, а во ноември 2021 година го издаде Првиот извештај во сенка во кој се опфатени седум под поглавја и тоа хоризонтално законодавство, квалитет на води, управување со отпад, квалитет на воздух, индустриско загадување, заштита на природа и климатски промени.

Извештајот во сенка и минатата но и оваа година е изготвен од Центар за климатски промени заедно со Милиеуконтакт Македонија, Македонско еколошко друштво и Еко-свест.

Exit mobile version